„Кога пчелите ќе стивнат“ и „Ослободување на дрвјата“ избрани меѓу најдобрите на фестивалот „БалКанс“

53

„Кога пчелите ќе стивнат“ и герила-акцијата „Ослободување на дрвјата“ продуцирани и реализирани во изминатава година беа избрани во најдобрите 25 проекти во регионот на фестивалот за маркетинг „БалКанс“.

Проектите се работени од маркетинг-агенцијата „Њу момент“.

Кампањата „Кога пчелите ќе стивнат“ е работена како социјален експеримент за последиците од изумирањето на големи пчелни семејства поради климатските промени и загадувањето. Кампањата е направена за потребите на Германското друштво за меѓународна соработка со седиште во Скопје, GIZ (The Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit).
Герила-акцијата за ослободување на дрвјата низ Скопје, агенцијата „Њу момент“ ја работеше како про-боно проект, заедно со Институтот за комуникациски студии и невладината организација за чист воздух О2 Иницијатива. Целта на кампањата беше подигнувањето на јавната свест за близу 1000 дрвја чии корени се заробени под градскиот бетон, со цел нивно ослободување и враќање во процесот како заштитници на чистиот воздух.
– Во годината во која една работа беше сигурна, дека ништо не е сигурно, единствен начин да излеземе од психичкиот товар на ковид-19 кризата, е да се држиме до слободата која ја пружа креативноста и различните начини на кои и како индивидуалци и како компанија, можеме да ги искористиме за да бидеме корисни и за себе и за нашата заедница. Можеби, наградите за токму овие две кампањи, ни укажуваат на еден од најголемите проблеми што како држава ги имаме е загадувањето од различни видови и мора да работиме и на подигнување на јавната свест и на поттикнување на надлежните институции за агилност и посветеност во решавањето на проблемот. Навистина сме благодарни на нашите клиенти за отвореноста и храброста да се пренесат пораките на поразлични начини од традиционалните, но и затоа што ја препознаваат „Њу момент“ како партнер за вакви проекти. Секако среќни сме што и членовите на жирито на „БалКанс“, претставниците на медиумите и членовите од индустријата на маркетингот од регионот, ги препознаваат нашата креативност и посветеност и во вакви времиња, во кои корона темата е доминанта во сите сфери – вели Филип Димитров, директор за услуга на клиенти и еден од креаторите на кампањите.
Агенцијата „Њу момент, њу идеас компани“ – Скопје е една од најстарите агенции во нашата држава и една од најнаградуваните во регионот со повеќе од 120 меѓународни награди за креативност во своето порфолио.