Коалите за три децении може да исчезнат од делови на Австралија

69

Поради уништувањето на шумите за добивање на земјоделско земјиште до 2050 година може во целост да исчезнат коалите во сојузната австралиска држава Нов Јужен Велс.

Според извештајот на Светскиот фонд за заштита на природата (WWF) научниците употребиле сателитски снимки за мерење на зголеменото сечење на шумите за да го измерат влијанието врз ранливите и загрозени видови.

– Се проценува дека во Нов Јужен Велс има помалку од 20.000 коали и дека со ова темпо на сечење ќе исчезнат до 2050 година. Мораме да го спречиме уништувањето на шумите, ако сакаме коалите да опстанат во дивината – истакна екологистот Стјуард Бланч.

Но властите на Нов Јужен Велс негираат дека сечењето на шумите го загрозува опстанокот на коалите и дека нивната бројка во дивината е многу поголема отколку што се претпоставувало.

Според австралискиот Фонд за заштита на коалите на целата територија на Австралија нивната бројка е под 100 илјади, а и тие се под постојана закана бидејќи се загрозени од губење на природните живеалишта, нападите од кучиња, пожарите и сообраќајните несреќи.

Во моментов коалите се класифицирани како „ранливи“, но екологистите бараат да се зголеми нивниот степен на заштита во „критично загрозени“.