Книгата за Џон Ленон за која зборува целиот свет

77

Љубовниците на Џон Ленон ги избирала Јоко Оно, а тој завршил во кревет и со Дејвид Боуви

Неодамна излезе контроверзната книга „Кој го уби Џон Ленон?“ од писателката Лесли-Ен Џонс, за која пишуваат многу од светските медиуми, а во неа се заробени досега непознати чекори на планетарно популарната ѕвезда.
Една од важните фигури во историјата на групата „Битлси“ бил нивниот менаџер Брајан Епстајн. Сепак, тој и Ленон, според наводите во книгата, биле повеќе од деловни соработници. Во времето кога Џон бил оженет со Синтија Пауел, тој и Епстајн отишле на двонеделно патување во Шпанија. Пред да се ожени Ленон, Епстајн ги условувал момците од бендот дека мораат да ги чуваат нивните врски во тајнoст за да го задржат вниманието на обожавателите. Поради тоа, Синтија се плашела да му каже на Џон дека е бремена, но тој на крајот убаво го прифатил тоа. Епстајн се обидел да го спречи нивниот брак, но сепак им помогнал, кога сфатил дека Џон е сериозен во неговата желба да основа семејство. Епстајн бил деклариран како хомосексуалец, со кого Џон, подоцна ќе се дознае дека, ја истражувал неговата сексуалност. Тогашната сопруга на Џон била свесна дека пејачот ја изневерувал, но и денес таа тврди дека е невозможно тој да имал секс со Епстајн, а истото мислење го има и Пол Макартни. Но не се согласуваат сите со тоа тврдење.
Пријателот на Џон, Пит Шотон, ѝ раскажал на авторката на книгата дека тој безмилосно го задевал Ленон откако се вратил од патувањето со Епстајн.

– Брајан му го предложил тоа, призна Џон. Упорната опсесија на слаткоречивиот менаџер почна да му оди по нерви. Така, Џон конечно блефирал, се соблекол и му рекол да прави што сака. Во тој момент, Епи се повлекол, мрморејќи дека не е за такво нешто. Џон останал збунет…, но и доволно заинтересиран да открие што навистина му се допаѓа на Брајан – пишува Џонс, по наводите на Шотон.
Оваа приказна ја потврдил и Џон Рид, поранешниот менаџер на Елтон Џон. И тој директно го прашал Ленон дали спиел со Епстајн, на што тој одговорил: „Двапати. Првпат да видам како е, а вторпат да бидам сигурен дека не ми се допаѓа“.
Самиот Ленон го коментираше својот однос со Епстајн во едно интервју во 1980 година.
– Беше речиси како љубовна врска, но не баш. Никогаш неконсумирана. Тоа беше мошне интензивна врска. Беше моето прво искуство со хомосексуалец, за кого бев свесен дека е хомосексуалец. Тој ми призна… Седевме во кафуле во Торемолинос и ги гледавме момчињата што поминуваат и го прашав: „Дали ти се допаѓа овој? Дали ти се допаѓа оној?“ Уживав во тоа искуство, цело време размислував како да сум писател: како минувам низ ова – рекол тој.

Писателката Џонс, која веќе со децении е во култните рок-кругови, го посочи и фактот дека Дејвид Боуви, со кого била пријателка, исто така ѝ рекол дека бил во интимна врска со Ленон.
– Постоеше врска помеѓу Џон и Дејвид Боуви за која самиот Дејвид ми раскажа. Според неговите зборови, тоа се случило неколкупати. Тој не навлезе во детали, ниту јас инсистирав, но отворено кажа сè што имаше. И за Мик Џегер, исто така – пишува таа, додавајќи дека Боуви никогаш не ја криел сопствената наклонетост кон Ленон.
Џонс пишува дека Ленон, според неа, бил дефиниран од женските фигури што минувале низ неговиот живот. Првата од нив била неговата мајка Џулија, која двапати го напуштила – еднаш кога ѝ го оставила малиот Џон на нејзината сестра Мими и вториот пат кога таа починала во сообраќајна несреќа додека тој бил тинејџер.
– Никогаш не престана да фантазира за неа, a ако се повикаме на терапевтот Артур Јанов, во еден момент тој ја посакувал во сексуална смисла, прашувајќи се дали треба да се обиде да ја заведе – пишува авторката за тврдењата што биле снимени од телефонски разговори објавени по смртта на Џон.

Дека неговите љубовни врски биле сѐ друго освен обични, раскажува и приказната за Меј Панг, љубовница што за Џон била лично избрана од Јоко Оно, која наводно не била голема обожавателка на сексот.
– За потребата од секс, лекот го пронашла Јоко. Џон требало да помине извесно време во Лос Анџелес каде што можел да прави што сака без да ја посрамоти. Исто така, ќе му бил потребна и придружба да се грижи за него, да ја држи за рака и да стори сè друго. Така, г-ѓа Ленон ја избрала Меј Панг. Таа имала 22 години, потекнувала од пристојно католичко семејство на кинески имигранти. Била убава, слатка, снаодлива и интелигентна – пишува Џонс, додавајќи дека Ленон и Панг поминале околу една и пол година заедно.
А и самата приказна за тоа како Џон ја запознал Јоко е во призмата на врската со друга жена.
– Џон ја запозна Јоко токму кога му требаше, две недели по смртта на Алма Коган. Таа беше опсесивна обожавателка што го следеше насекаде. Страшно му одеше по нерви. Но Алма почина, и на Џон му се случи нешто чудно. Сè се сврте наопаку. Јоко сигурно ја препознала својата можност и ја искористила. Таа ги носеше панталоните во врската и до крајот на животот го контролираше Џон и беше доминантна – раскажува неговата прва сопруга Синтија.

Двајцата живееле во необичен стил и во необичен дом. Јоко наводно купувала уметнички дела, недвижности, фарми, стока, бикови, па дури и (се претпоставува дека украдени) богатства од антички Египет.
Во книгата се разработуваат и низа теории поврзани со „Битлси“. Меѓу другото, авторката тврди дека тие станале популарни, не само во нивната Велика Британија, туку и во САД, поради фактот што на таа нација ѝ требале некаква радост и нови идоли по смртта на Џон Ф. Кенеди. Како што се очекуваше, се раскажува и приказната дека Јоко Оно е виновна за распадот на „Битлси“, во што Џонс не верува.
– Ниту една жена не можеше да натера никој од нив да ја заклучи приказната и да замине, ако тоа сам не го сакаше. Дури и најпасивните набљудувачи можеа да видат какви арогантни шовинисти беа. За нив тие беа само бројка.

Ниту Јоко, ниту Линда немаа таков вид влијание да ги растурат. Освен ако, тоа не беше експлицитно посакувано. Зарем не е поверојатно дека тој, кој очајно бараше излез, ја искористи Јоко како жртвено јагне за да го напушти бендот? Можеби таа се согласила да учествува. Можеби заедно смислиле план. Сосема е можно таа да се согласила да ја преземе вината ако тоа би го олеснило заминувањето на Џон – смета писателката.
Во книгата исто така се наведува дека имало голем број теории на заговор за убиството на Ленон, од кои најистакната е онаа дека зад неговиот атентат, кој го извршил Марк Чепмен, стојат ЦИА и ФБИ, поради левичарскиот активизам на Џон.