Кнез со сензуална и софистицирана колекција

214

Свила, бисери и свилено жерсе се изборот на материјали за новата лимитирана сензуална и софистицирана модна колекција на модната дизајнерка Ивана Кнез, насловена „Би-ми би драма“.

Таа со својата фотоприказна ја прикажува „Драма“ од почетоците на двата бренда „Драма енд Лавкетс“, костимски пристап на современа мода, проткаена со многу емоции, чиста страст, бисерна љубов, продуцирана од екипа на луѓе што поместува граници за квалитет.

– Наполнив 34 години и никогаш не сум се чувствувала подобро. Изгледот доаѓа сам по себе, заедно со прекрасен тим на луѓе е возможно да се постигне сѐ. Во време кога како никогаш претходно фокусот е на личниот развој, физички и психички, ставам акцент на самодовербата и на развојот на карактерот. Промена на сопствени стандарди за подобрување, промена на телото и промена на основниот начин на размислување, за поквалитетен живот – вели Ивана Кнез, сопственичка и модна дизајнерка на „Драма студио“.

Кнез сака да пренесе порака до сите дека треба заради себе да бидат подобри секој ден. Да не се задоволуваат со просек, да бараат квалитет во животот, и да ги уриваат општествените норми. Самите да бидат против систематизацијата, како и да се слободни во изборот за себе и за личните очекувања. Таа вели дека финалната индивидуална цел секому му е луксуз и луксузен начин на живот, со правилен тим и постојана работа на себе, реализација на сите идеи и соништа.

– Со оваа колекција сакаме да информираме дека ја продлабочуваме соработката со брендот „Сара фешн“, како моден дизајнер и со тоа ја најавуваме новата луксузна колекција „Сара ексклузив“, која наскоро ќе ја пласираме на модниот пазар во нашата земја – истакна Кнез.