Климатските промени влијаат врз бројот на самоубиства

98

Промената на климата влијае и на бројот на самоубиства, покажува најновата студија изработена од калифорнискиот Униферзитет Стенфорд.

Научниците предупредуваат дека климатските промени може да влијаат врз бројот на самоубиства исто како и економската рецесија. Во истражувањето споредувани се растот на температурата и случаите на самоубиства ширум САД и во Мексико во последните неколку децении. Резултатите покажуваат дека сепак постои некаква врска помеѓу климатските промени и самоубиствата.

Досега не е истражувана врската помеѓу менталното здравје и глобалното загревање.

Со истражувањето се опфатени и сезонските варијации, нивото на сиромаштијата, дури и вестите за самоубиства на познатите личности, бидејќи некои лица би можеле да го следат нивниот пример.

Научниците открија дека потоплите периоди доведуваат до поголем број самоубиства, без оглед на богатството и на вообичаената клима во одреден дел од земјата.

И покрај тоа што истражувањата не можат да ја докажат причинската врска помеѓу растот на температурата и зголемениот број самоубиства, сепак покажуваат „исклучителна доследност“ во подолг временски период и на пошироко подрачје.

Истражување е спроведено и во Индија, според кое речиси 60.000 самоубиства во последните 30 години можат да се поврзат со климатските промени.

Со истражувањето беа опфатени и повеќе од 60 милиони пораки на Твитер, при што е откриено дека користењето на депресивни зборови како „осамен“, „потиштен“ и „блокиран“ биле зачестени со порастот на температурата.

Тоа сугерира дека менталната благосостојба се влошува во текот на топлите периоди: Истражувачите посочуваат дека тоа можеби се случува бидејќи кога телото се лади за време на жештините, приливот на крвта во мозокот се менува.