Кичевското Китино кале ќе го врати стариот сјај

2064

Долгонајавуваниот мегапроект за ревитализација на кичевското Китино кале, конечно и ќе се случи. Во тек е процедурата за прибирање понуди, која ќе трае до 27 август, по што ќе биде избрана компанијата што ќе го реализира овој проект.

– За реализација на овој проект ќе бидат потрошени 650.000 евра, од кои 90 проценти ги обезбеди Светска банка и 10 проценти се средства на општината Кичево – рече Дарко Белески од општината Кичево, директно вклучен во реализација на овој мегапроект.

Проектот за ревитализација на Китино кале ќе опфати повеќе содржини што ќе бидат вклучени во неговата реализација.

– Ќе бидат изградени детско катче со сите содржини, пензионерско катче со гарнитури за шах, табла и други разоноди, потоа ќе се асфалтира патот до платото пред спомен-костурницата и до поранешниот угостителски објект. Ќе се изгради нов угостителски објект што ќе биде издаден под наем, а во рамките на истиот објект ќе има и мултимедијален центар. На спомен-костурницата ќе биде изграден и монтажен амфитеатар за летни претстави, трим-патека, а хортикултурно ќе се уреди поранешното шеталиште, ќе се изгради и нов видиковец и целокупниот локалитет ќе биде заграден со жичена ограда – додаде Белески, кој очекува во наредните десетина месеци проектот целосно да се реализира.

Ќе се води грижа и за зеленилото и целокупната опрема на калето, додека целиот локалитет ќе има и чуварска служба, што досега не беше случај.
Жителите на Кичево со одобрување ја примија оваа вест, со надеж дека Китино кале повторно ќе го врати стариот сјај.

– Пријатно сме изненадени од веста за ревитализација на Китино кале што ќе се случи наскоро. Ако сето тоа што е најавено се реализира, тогаш можеме да бидеме сигурни дека нашето култно место ќе го врати стариот сјај, а сите жители на Кичево, како и туристите, ќе имаат можност да уживаат во оваа убавина во срцето на градот. Впрочем со децении првата асоцијација за сите оние што не беа од Кичево, а го посетуваа овој град, беше преубавото Китино кале – ни рекоа кичевците Петар и Живко, жители на најблиската населба до овој парк.