Кичевската стилистка Ели Илиоска победи на фестивал за фризури во Охрид

561

Познатата кичевска стилистка Ели Илиоска на Меѓународниот фестивал за фризури, мода и убавина „Хеар-феар-2018“, што дванаесетти пат се одржа во охридскиот хотел „Аквалина“, го освои првото место во категоријата „женско потстрижување и салонска фризура“. На фестивалот учествуваа стилисти од десет европски земји: Италија, Белгија,Турција, Холандија, Грција, Бугарија, Србија, Косово, Албанија и од Македонија. Гости беа познатиот италијански фризер Џанкарло Миланезе и нашиот Гоце Ралевски, кој живее и работи во Шведска и е добитник на многу признанија и награди од меѓународни натпревари.

– Она што го инвестирав во изминатите 15 години во овој занает, почна и да се валоризира. Со ова признание покажавме дека и во Кичево има талентирани луѓе, особено во нашата професија – рече Илиоска, која со овој занает почна да се занимава во 2003 година. Таа е редовна посетителка на повеќе семинари од оваа област во земјава и во странство.

– Во изминатите 15 години најмалку по четири пати годишно посетував семинари во Македонија и надвор од неа, а престојував и во академијата „Кенер“ во Загреб. Деновиве заминувам за Словенија каде што во престижно студио во Љубљана ќе посетувам курс по колористика, заедно со уште еден колега од Прилеп – додава Илиоска. Во три наврати Илиоска во Кичево организирала и ревии на фризури. Според неа кичевските жени се трудат да ги следат модните трендови, што се однесува до фризурите.

– Во нашиот град помладите девојки сѐ повеќе ги следат модните трендови во фризурите, како и помал број од повозрасните дами, кои помалку се дотеруваат, а причина се познатите стереотипи својствени за внатрешноста на земјава. Инаку, за најомилена трансформација кај жените ја сметам преобразбата од долга во кратка коса и обликување на новата фризура со модните трендови актуелни во светот – дополни Илиоска.