Во претстојниот анимиран музички филм „Пинокио“ на добитникот на „оскар“, Гилермо дел Торо, во продукција на „Нетфликс“, ќе се појават новодојдениот Грегори Ман во главната улога како Пинокио, Еван Мекгрегор како Крикет и Дејвид Бредли (од франшизата за Хари Потер, „Игра на тронови“) во улогата на Џепето.
Во другите улоги се појавуваат и оскаровката Тилда Свинтон, добитникот на „оскар“, Кристоф Валц, Фин Волфхард, Кејт Бланшет, Џон Туртуро познат од „Бетмен“, добитникот на златниот глобус Рон Перлман и други.

Филмот заснован на класичната приказна од книгата на Карло Колоди, го следи извонредното патување на дрвеното момче, кое магично беше донесено во живот по желба на неговиот татко. Дејството на филмот на Дел Торо се случува во времето на подемот на фашизмот во Италија под власт на Мусолини и е приказна за љубовта и непослушноста, бидејќи Пинокио се бори да ги задоволи очекувањата на неговиот татко.

– По неколку години трагање по овој проект од соништа, го најдов мојот совршен партнер во „Нетфликс“. Поминавме долго време во тоа да одбереме извонредна екипа и бевме благословени со постојана поддршка од „Нетфликс“. Сите ја сакаме и практикуваме анимацијата со голема страст и веруваме дека е идеален медиум за раскажување на оваа класична приказна на еден сосема нов начин – вели режисерот Дел Торо.