Кери Фишер ќе се појави и во „Војна на ѕвездите: Епизода 9“

90

Актерката Кери Фишер, која почина ненадејно на крајот на 2016 година на 60-годишна возраст, ќе се „врати“ во претстојната деветта епизода од култната вселенска сага „Војна на ѕвездите“.

Марк Хамил, чиј лик Лук Скајвокер веројатно умира на крајот на осмата епизода, исто така, ќе се појави во следниот филм.

Во соопштението од компанијата „Дизни“ се наведува дека снимањето за „Војна на ѕвездите: Епизода 9“ ќе започне на 1 август во Лондон.

Како ќе стане можно враќањето на Кери Фишер, која почина од инфаркт на 27 декември 2016 година, како Принцезата Леа? Одговорот е – благодарение на неискористените снимки што актерката ги сними пред нејзината смрт.

– Ние ужасно ја сакавме Кери. Наоѓањето на навистина задоволителен крај на сагата на Скајвокер без неа ни се измолкна. Никогаш немаше да користиме друга актерка или компјутерски генериран лик. Со поддршка и благослов на нејзината ќерка Били откривме како да го испочитуваме наследството на Кери и улогата на Леа во деветтата епизода, користејќи кадри кои ги снимавме заедно за седмата епизода, се наведува во соопштението на режисерот Џеј Џеј Абрамс.

Тој го режира седмиот филм „Силата се буди“ (2017) и се враќа повторно зад камера за деветтата епизода.

Осмиот филм „Последниот Џедај“ беше режиран од Рајан Џонсон. Тој одбра да не го менува насловот и остави судбината на Леа да биде решена од Џеј Џеј Абрамс. Од „Дизни“ истакнуваат дека по смртта на Кери Фишер сценариото за „Епизодата 9“ било преработено.

Фановите на оригиналната трилогија „Војна на ѕвездите“ ќе се израдуваат кога ќе дознаат дека друг нивен миленик – актерот Били Ди Вилијамс, ќе се врати како Ландо Калризиан.

Во деветтата епизода ќе учествуваат исто Дејзи Ридли, Адам Драјвер, Џон Бојега, Оскар Ајзак, Лупита Нионго, Кели Мари Тран, Домнал Глисон, ќерката на Кери Фишер – актерката Били Лурд, Ентони Даниелс, Јонас Суотамо.

Нови членови на актерскиот состав се Наоми Аки и Ричард Е.Грант.