Кевин Харт водител на „оскарите“

83

Американскиот глумец Кевин Харт е водител на наредната, 91. церемонија на доделување на највисоката филмска награда „оскар“, која ќе се случи во февруари во Холивуд.

– Многу сум среќен што можам да објавам дека и јас добив шанса да го водам доделувањето на „оскарите“ – напиша на Инстаграм Кевин Харт, ѕвездата на филмот „Џуманџи: добре дојдовте во џунглата“.

Тој додал дека со години новинарите го прашувале кога тој ќе биде водител на оваа церемонија, а тој им одговарал дека тоа за него би било единствена можност во животот како глумец.

Академијата за филмска уметност и наука ја потврди оваа вест во порака што ја објави исто така на Твитер и му посака на Харт „добредојде во фамилијата“.

Двете претходни манифестации ги водеше комичарот Џими Кимел. Лани доделувањето го следеле само 26,5 милиони гледачи во споредба со 43 милиони во 2014 година.

Церемонијата, која ќе се одржи на 24 февруари во Холивуд, треба да биде скратена и да не трае повеќе од три часа, па затоа се планира некои награди да се врачуваат и за време на емитувањето на рекламите.