Кевин Спејси се враќа на филмското платно

46

Оскаровецот Кевин Спејси се враќа на филмското платно со нова улога, во филмот „Клуб на милијардери“, и ова е негова прва улога по обвинувањата за сексуално вознемирување минатата година. Филмот е снимен пред скандалот, а во кината ќе почне да се прикажува во август.
– Се надеваме дека обвинувањата што се однесуваат на поведението на еден од глумците, а кои не беа јавно познати кога филмот беше снимен, нема да му пречат на овој проект. Одлуката за пуштање на филмот, не беше нималку лесна – соопштуваат дистрибутерите.
Станува збор за вистинита приказна од 1980-тите, за неколкумина млади што организирале клуб во кој преку систем на измами требало брзо да се збогатат. Спејси го глуми ликот на Рон Левин, измамник, инаку и хомосексуалец, кој е убиен откако се обидел да измами неколку криминалци. Телото на Левин никогаш не било пронајдено, па некои сметаат дека тој можеби сѐ уште е жив.
Инаку, Спејси лани правдајќи се по обвинувањата призна дека и самиот во овој дел од животот е хомосексуалец.
Режисер на филмот е Џејмс Кокс, а покрај Спејси, во филмот глумат и Ема Робертс, Суки Вотерхаус, Ансел Елгорт, Тарон Егертон.