Картонски кревети за спортистите на Токио 2020

86

Токио 2020 има за цел да го минимизира отпадот од ресурси при користењето материјали за време на Олимписките игри и постави цел 99 отсто од предметите и стоките што се набавени за игрите да бидат повторно користени или рециклирани во иднина. Медалите се прават целосно од рециклирани уреди, олимпискиот факел е направен од алуминиумски отпад, а подиумите од рециклиран отпад од домаќинство

Токио 2020 ги претстави креветите на кои спортистите ќе спијат за време на Олимписките и Параолимписки игри, како дел од нивните еколошки планови да бидат побезбедни за животната средина. Тие вклучуваат кревети направени од картон со висока отпорност и душеци изработени од материјали што може да се рециклираат. Потребни се 18.000 легла за Олимпиското село и 8.000 легла за Параолимпиското село. Тие ќе бидат обезбедени од јапонската компанија за душеци „Аирвејв инк“.

Креветите се состојат од три различни дела што ги поддржуваат горниот, средниот и долниот дел од телото, а тврдоста на секој дел може да се приспособи за да одговара на обликот на телото на секој спортист. Перниците имаат вдлабнување во центарот, обезбедувајќи добра поддршка за вратот и за главата, без оглед дали спортистите спијат на грб или настрана. Сите рамки за кревети ќе бидат изработени од картон со висок отпор, кој ќе може да издржи тегови до 200 килограми, што е повисоко од која било регистрирана тежина на спортист на Олимписките игри во 2016 година во Рио. По игрите, креветите ќе се рециклираат во производи од хартија, а компонентите на душекот во нови пластични производи.

Токио 2020 има за цел да го минимизира отпадот од ресурси при користењето материјали за време на Олимписките игри и постави цел 99 отсто од предметите и стоките што се набавени за игрите да бидат повторно користени или рециклирани во иднина. Како дел од овие екопланови, медалите за игрите се прават целосно од рециклирани уреди – олимпискиот факел е направен од алуминиумски отпад, подиумите од рециклиран отпад од домаќинство и пластичен отпад изваден од морето, како и електрична енергија што ја напојуваат обновливи извори.