Калта од Марс личи на зовриена паста за заби

104

Меѓународен тим научници откриле изненадувачки податок за Марс додека ја проучувале во лабораториски услови калта од Црвената Планета. Сакајќи да откријат како изгледаат вулканите на Марс во споредба со оние на Земјата, експертите откриле дека калта на Марс што ја создале во лабораторија „тече како зовриена паста за заби“. Во одредени околности, таа течност дури и „потскокнувала“. Калта потсетувала на видот лава позната како „пахоехо“, која ја исфрла познатиот хавајски вулкан Килауеа.
Според шефот на оваа студија, д-р Петр Броз од Институтот за геофизика на Чешката академија на науките, резултатите од ова истражување би можеле да ги нарушат претходните истражувања на Црвената Планета.

– Кога проучувате материјал од вселената, често не можете прецизно да кажете дали станува збор за лава или за кал. Ако немате геолог на теренот што по материјата ќе може да чукне со чекан за да открие за што точно станува збор, тогаш тешко е да се утврди – изјави Броз за Би-би-си, кој долго време бил скептичен во врска со научната претпоставка дека вулканите на Марс исфрлаат кал.
Овој феномен е добро познат на Земјата, но веќе неколку години Броз се обидува да ја побие теоријата дека голем број форми на Марс потекнуваат од исти такви вулкани. На крајот, тој дошол до идеја да испита на кој начин калта, ако навистина извира од вулкани на Марс, се однесува во условите на екстремен студ и низок воздушен притисок, какви што владеат на Марс.

Сето тоа се сведува на фактот дека нискиот атмосферски притисок, понизок од еден процент од притисокот на Земјата, влијае на водата, поради што таа брзо испарува, потоа врие и на крајот замрзнува.
– Кората од калта замрзнува, но доволно е густа за внатрешноста да остане течна. Значи, кората ја запира течноста за кратко време, но кога течниот дел продира низ потенките делови на кората, калта продолжува да тече – објаснува Пател.