Калкин реагираше на веста дека ќе се снима нова верзија на „Сам дома“

99

Меколи Калкин како дете ги освои срцата на гледачите со својата улога во филмот „Сам дома“, филм што од првото емитување до денес традиционално се гледа за Божиќ, не само во САД туку и во целиот свет. Продукцијата „Дизни“ неодамна најави снимање на новата верзија на овој хит-филм, а Калкин на социјалната мрежа Твитер ја објави својата реакција.

Првата верзија е снимена во 1990-тите и премиерно се емитувана на Божиќ. Калкин со улогата на малиот Кевин Мекалистер стана мегапопуларен и сега одлучи да реагира на веста за снимањето на новата верзија. Тој денес има 38 години, а на фотографијата се гледа дека седи на кауч, со лаптоп во скутот. На главата има лента, кратки панталони и маица, а околу него се наоѓаат чинии со храна.

– Вака изгледа новата верзија на филмот „Сам дома“ – се пошегува тој, означувајќи ја компанијата „Дизни“, со препорака дека би требало да му се јават.

Сѐ уште не е познато што ќе донесе римејкот на филмот од 1990 година и кој ќе го игра Кевин, но сите со нетрпение ја очекуваат новата верзија.

Од „Дизни“ само порачуваат оти се надеваат дека ќе ги задржат истите стандарди и креативната дисциплина како во оригиналната верзија на „Сам дома“.