Како по природен пат да се отстрани јаглеродот од воздухот

161

Пронајдени се карпи што „напорно работат“, реагирајќи природно на јаглерод-диоксидот од атмосферата, претворајќи го во камен! Ова спектакуларно откритие е процес што природата сама го креирала. Меѓутоа, токму ова, поддржано од луѓето, би можело многу да помогне во борбата против загадувањето, но и емисијата на јаглерод-диоксид и ефектите на стаклена градина и енормното затоплување. Карпите би можеле да „отстранат“ милијарди тони јаглерод-диоксид што се емитува во воздухот од страна на луѓето уште од почетокот на индустријализацијата

Ибра, Оман. Во овој дел на Арапскиот Полуостров острите карпи и карпестите пукнатини не се само дел од сценографијата. Некои од овие карпи „напорно работат“, реагирајќи природно на јаглерод-диоксидот од атмосферата и претворајќи го во камен. Научниците велат дека кога овој природен процес, познат како јаглеродна минерализација, би можел да се примени на поширок план без поголеми трошоци, би бил од голема помош во борбата против загадувањето, генерално против климатските промени. Карпите би можеле да „отстранат“ милијарди тони јаглерод-диоксид, кој се емитува во воздухот од страна на луѓето уште од почетокот на индустрискиот период.
Со тоа би се овозможило овој гас засекогаш да остане надвор од атмосферата.
– Цврстите минерали на јаглеродот не одат никаде – вели Питер Келемен, геолог што се занимава со проучување на овие карпи во земската опсерваторија „Ламот-Доерти“, која работи во рамките на универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.
„Фаќањето“ и чувањето на јаглерод-диоксидот предизвика огромно внимание. Меѓувладиниот панел за климатските промени (IPCC) смета дека употребата на една ваква технологија е од суштинска важност во борбата против загадувањето и глобалното затоплување. Но во светот постојат само околу 20 слични големи проекти, чија задача е да го отстрануваат јаглерод-диоксидот од индустриските процеси. Она на се фокусираат што д-р Келемен и другите околу него е отстранување на јаглерод-диоксидот што веќе се наоѓа во воздухот и на тој начин сакаат да ја запрат или променат концентрацијата на овој гас во атмосферата.

Питер Келемен, геолог што се занимава со проучување на карпите во земската опсерваторија „Ламот-Доерти“

Од друга страна, веднаш се појавија и експерти што сметаат дека директното „фаќање“ воздух, како што се нарекува овој процес, не е многу практично. Сепак, на Исланд една енергетска компанија веќе оптимистички почна да „складира“ скромни количества јаглерод-диоксид во вулканските карпи, кои го претвора во минерал. Холандските истражувачи предложија „истурање“ на карпи по должината на бреговите, за да се „улови“ јаглерод-диоксидот. Научниците во Канада и во Јужна Африка ги проучуваат начините како да се искористи рударскиот отпад за истата цел.
– Јасно е дека мораме да го отстраниме јаглерод-диоксидот од атмосферата – вели Роџер Ејнис, кој развива технологии за справување со јаглеродот во националната лабораторија „Лоренс Ливермор“ во Калифорнија.
На светов нема многу поповолни места за таа намена од Оман. Тамошните формации најчесто се состојат од групи на карпите перидотити, кои обично се наоѓаат под површината на земјата.
– Кога карпите се изложени на вода или воздух, тие се како огромна батерија со голем хемиски потенцијал. Тука има толку многу карпи што, кога би можеле да се искористат сите, би биле во состојба илјадници години да ја чуваат емисијата на јаглерод-диоксид. Пореално би било да се каже дека Оман би можел да чува најмалку една милијарда тони јаглерод-диоксид на годишно ниво – вели Келемен.
(Во моментов, годишните светски емисии се на нивото од речиси 40 милијарди тони.) Слични, но помали карпести формации се пронајдени и во северна Калифорнија, Папуа Нова Гвинеја и Албанија.
Келеман првпат допатува во Оман во 1990-тите. Ги забележа вените од јаглерод на карпите, но помисли дека се стари повеќе милиони години. Меѓутоа, во 2007 година испрати примерок од јаглеродот на анализа. Не беше постар од 50.000 години, што во основа беше доказ дека процесот на минерализација бил многу побрз одошто се мислело.

Тогаш почна да ги проучува начините на употреба на овој процес. Голем предизвик е да се постигне истиот резултат побрзо од природата, во големи количества, а притоа да биде доволно евтин за да биде исплатлив.
Можеби наједноставниот начин да се употребат карпите е да се сомелат и да се „распостелат“ за да бидат изложени на воздух. Сепак, операцијата од ваков широк опсег би го променила пејзажот и треба да се пресмета колку би чинела.
Токму поради тоа, некои од истражувачите се прашуваат зошто да не ги искористиме карпите што се веќе извадени и се наоѓаат на површината на земјата за постигнување некоја нова цел. Таквите карпи може да се пронајдат како отпад во големи количества низ рудниците во светот.
Грегори Дипл, истражувач од Универзитетот на Британска Колумбија, соработува со неколку рударски компании и ги проучува начините за подобрување на природниот процес. Целта е да се „улови“ доволно јаглерод-диоксид за да се компензираат во целост емисиите на јаглерод од рудниците.
Евелин Мервин, која работи за „Де Беерс“, најголемата светска дијамантска компанија, проучува еден сличен пристап и се надева дека в година ќе може да почне со тестирањата.
– Сметаме дека од научна перспектива тоа нема да биде ниту тешко, а ниту скапо, можеме да бидеме јаглеродно неутрални. А што се однесува до рударската индустрија, тоа ќе биде нешто извонредно – истакна таа. Во пресрет на новата сезона, кога во градовите во Македонија повторно ќе се соочат со загаденост, смог и неприлики, ова е уште една мотивација градските татковци со време да пронајдат методи да се спречат или, во најмала рака, да се намалат загадувањата, во интерес на граѓаните. Н.М.