Како да управувате со робот на Марс

257

На некои 126 милиони километри оддалеченост од Земјата, сам на големата и студена планета, робот со големина на помал автомобил се буди по изгрејсонцето. И, како и секој ден во последните шест години, чека наредби.

Околу 9:30 часот по марсовско време, пристига пораката од Калифорнија. Патувала 15 минути.

– Вози право 10 метри, па заврти под агол од 45 степени. Вклучи ги своите уреди – се вели во пораката.

Роверот „Кјуриозити“ ја извршува наредбата и полека се движи кон зададената локација. Максималната брзина му е 110 метри на час.

Неговите батерии и останатите конфигурациски ограничувања му го ограничуваат дневниот дострел. Досега на Марс во еден ден најмногу возел 220 метри.

Кога ќе стигне на зададената дестинација, неговите 17 камери почнуваат да ја снимаат околината.

Потоа со ласерот ги разбива карпите. Со останатите уреди врши дупчење и дробење на посебно интересните камења за проучување на помали примероци.

Околу пет попладне по марсовско време, ќе чека над него да помине еден од трите сателита на НАСА кои орбитираат околу планетата и тогаш на своите наредбодавци на Земјата ќе им испрати неколку стотици мегабајти научни податоци.

Во приземјето на заградата на Вселенскиот центар на НАСА во Гринбелт, во Мериленд, се наоѓа голема соба без прозорци полна со научни инструменти и компјутери. Таму научниците секој ден се задлабочуваат во податоците што им ги испраќа „Кјуриозити“.

Тие се во потрага за било какви знаци на живот на Марс.

Во самиот робот се наоѓа хемиска лабораторија(САМ) голема колку микробранова печка.

– Тоа е досега најсложениот инструмент што НАСА го испратила на некоја друга планета – вели научникот Чарлс Мејлспин.

САМ ги анализира примероците од тлото на Марс така што ги загрева во печката на температура од 1000 Целзиусови степени. Вжештената карпа испушта гас, која, пак, посебно се анализира и им овозможува на научниците да го дознаат „отпечатокот“ на нејзиниот систем.

Благодарејќи на САМ, научниците знаат дека има сложени молекули на Марс. Им помогнал и да дознаат дека површината на Марс е геолошки многу помлада отколку што се мислело.

На другата страна на САД и во друга лабораторија на НАСА, во Пасадена, дваесетина експерти го сочинуваат тимот што управува со „Кјуриозити“.

– Мојот најубав дел од денот е кога ќе седнам, ги набљудувам пејзажите од Марс и забележувам каде е роверот – вели Френк Хартман, кој го ‘вози’ „Кјуриозити“, а беше задолжен и за неговиот претходник „Опортјунити“.

– И си мислам, јас сум првиот човек на Земјата што го гледам тоа – додава Хартман.

Негова главна работа е да ги пишува командите кои роверот ќе ги следи во следниот ‘соло’, како што се нарекува денот на Марс кој таму трае 24 часа и 40 минути. Нема џојстик за управување и нема комуникација со роботот во реално време.

Понекогаш се случуваат и проблеми. „Опортјунити“ остана закопан по песочна бура на Марс, по што престана да функционира. На „Кјуриозити“ на остра карпа му се оштетило едно тркало, а му пукнал и еден сврдел.

– Мораме да бидеме внимателни бидејќи никогаш не сме биле на тие места и постојано мораме да бидеме свесни дека малку знаеме за тоа со што се среќаваме – вели Хартман.

Со текот на годините научниците стануваат и емотивно поврзани за своите роботи. Кога „Опортјунити“ замолкна по 14 години работа на Марс, Хартман и неговите колеги беа тажни.

„Кјуриозити“ на Марс слета во 2012 година и досега мина нешто помалку од 20 километри по површината на Марс. Ќе му треба уште една година да стигне до својата дестинација, една од планините на Марс.

Но, потоа ќе го загуби марсовскиот монопол. На планетата во 2020 стигаат уште два ровера, американски и европски.