Како да уживате сами на одмор

175

Не дозволувајте да ве обесхрабри можноста да одите сами на одмор. Во многу случаи ќе откриете дека тоа е дури и подобра опција одошто да патувате во друштво на партнер. Како што минуваат годините, така соло-патувањата стануваат сѐ полесни. Хотелите нудат комплетни угостителски услуги за патниците што доаѓаат сами, како и преубави групни тури за кои не е потребен партнер. Стигмата со која се поврзуваше масата за еден полека исчезнува и се трансформира во чувство за еманципација, особено сега, кога секоја година илјадници луѓе тргнуваат на одмор со самите себе.
Сепак, овие одмори сѐ уште не се соодветни за секого, па ако не сте сосема сигурни дека соло-варијанта би ви одговарала прочитајте го овој водич.

1. Изберете лесна локација
Пред да влетате во сериозен подвиг да се упатите директно кон Јапонија за вашиот прв самостоен одмор, сепак размислете добро и изберете некоја поедноставна дестинација. Верувајте, ќе сакате да патувате некаде каде што може да ги разберете буквите (секако, освен ако не зборувате течно јапонски) и каде што јазичната бариера не е толку ограничувачка.
Секако, соло-патувањата низ САД за Американците се одлична опција, бидејќи воопшто не постои проблем со јазикот. Ова се однесува и на жителите на Балканскиот Полуостров, кои би сакале да патуваат низ поранешните југословенски држави.
Светот е глобално село. Може да си дозволите релаксиран викенд во Њујорк или возење по калифорниската магистрала покрај брегот на Пацификот – ќе сфатите дека користењето на јавниот транспорт или барањето помош околу насоката се далеку помалку застрашувачки отколку што мислевте. Како убава алтернатива, размислете да се упатите кон други познати дестинации, како на пример Шпанија. Ќе ве воодушеви истражувањето на Севилја, Кордоба и на Гранада.

2. Понесете си со себе неживо другарче
Не, не ви сугерираме да ставите во куферот крзнени играчки за гушкање. Но никако не заборавајте да понесете неколку книги. Во моментите кога би можеле да се чувствувате по малку осамени, добрата книга ќе ја смири анксиозноста, а може да биде и ваш битен придружник за време на вечерата. Ако имате паметен телефон, може да си симнете некои аудиофајлови, кои ќе ги слушате додека шетате наоколу или се опуштате на вашата лежалка.

3. Седнете покрај шанкот
Ако сепак стравувате од таа фамозна вечера за еден, ублажете го стравот со тоа што ќе седнете покрај шанкот. Наместо да се упатите кон луксузниот дел од ресторанот со бели покривки за маса и удобни столови, решете се за една полабава варијанта и сместете се комотно покрај шанкот. Повеќе од веројатно е дека ќе ви се придружат и други луѓе што вечераат сами, а можно е дури и да започнете конверзација со вработените зад шанкот.
Од друга страна, ако шанкот едноставно не ви се чини како добра идеја, обидете се да јадете некаде каде што ќе има во што да гледате – на пример, весели туристи што се движат по улицата или прекрасна глетка во некоја убава природа.

4. Резервирајте групен пакет-аранжман
Нема подобар начин за запознавање луѓе од едно групно туристичко патување. Соло-одморот не мора да значи дека цело време треба да бидете сами – голем број агенции сега организираат одмори или викенд-тури за самци. Тоа значи дека ќе бидете во друштво на ваши истомисленици што патуваат сами, барајќи нови пријателства и возбудливи нови искуства. Современите туристички агенции нудат фантастичен избор на одмори за осамените, почнувајќи од престој во прекрасната Тоскана, па до истражувачки авантури низ дестинации како Јужна Африка, Шри Ланка или Индија.
Деновите кога соло-патувањата беа само за авантуристи со ранци што спијат по хостели се одамна поминати. Голем број хотели од висок ранг сега му ги нудат своите капацитети на независниот пазар на туризам за самци. Само како пример, во рестораните на одморалиштето Чива Сом во Тајланд има маса за разговори за гостите-самци што бараат нови пријателства, а синџирот хотели „Кимптон“ им нуди бесплатна чаша квалитетно вино на гостите што сакаат да седат во хотелското лоби и да се дружат со луѓе од целиот свет. В.Б.Н.