Како вашата библиотека да личи на вас?

50

Идеи за вистински читатели, не за снобови

Времињата се менуваат, но постојат вредности што не им одолеваат на трендовите. Новите тенденции можат благо да ги променат, но не можат да им ја одземат суштината. Колку пати во сопственото опкружување сте слушнале дека не постои доволно моќен и супериорен уред за читање што може да се спореди со мирисот на хартијата и со чувството кога ја прелистуваме книгата.
Нема сомнение дека на многумина овој став ќе им биде бесмислен израз на носталгија, но сепак, припадниците на различни генерации одбиваат да внесат промени во својот ритуал на консумирање на омилената литература. Намерно велиме ритуал, бидејќи пасионираните читатели со текот на времето развиваат личен начин на уживање во читањето. Впрочем, така е и со другите животни навики. Поради тоа, приватните библиотеки секогаш се интересни за разгледување, бидејќи ги откриваат вкусот и ерудицијата на оној кому му припаѓаат. Исто така, како интегрален дел на животниот простор, библиотеката е елемент на општата слика на ентериерот и впечатокот што тој простор го остава.

Стручњаците за уредување советуваат дека, според овој аспeкт, најважно е да се почитува принципот на естетски склад. Доколку амбиентот е модерен или минималистички – библиотеката, сосема сигурно, нема да биде спакувана во рамки од масивно дрво или старовремски витрини, што на просторот му даваат неодолива патина. Јасно е дека често ќе се сретнуваме со ставот – дали е воопшто битно кои книги се сортирани или наредени, важно е дека се книги.
Се разбира, тука не станува збор библиотеката само да го пополнува просторот. Сите се сеќаваме на културолошката појава од 20 век, кога „книги се купуваа на метар“. Сепак, литературата не е тука да биде во функција на разубавување на просторот. Книгите се тука само доколку навистина му се пасија на оној што живее во тој простор. Идеите за вклопување на библиотеката во општиот стил на ентериерот се однесуваат на вистинските читатели, а не на снобовите.

Ретростил
Класичното уредување е највпечатливо во полниот замав на старовремската естетика. Тоа се простори што во себе имаат нешто свечено, строго, инспиративно. Книгите се наоѓаат на масивни дрвени полици, најчесто во темна боја. Комбинацијата на модерни и класични елементи во единствен стилски дијалог е мошне впечатлива, но мора да се направи со големо внимание.

Креативен неред
Вљубениците во креативниот неред, оние чиј животен простор живее во ист ритам со нив, често тврдат дека се снаоѓаа само во таков несклад. Амбиентот во кој живеат е огледало, не само на нивните животни навики туку и на содржините на кои им посветуваат внимание, како и на сите активности со кои се преокупирани. Неколку книги отворени на разни страници, разни листови, филџан со кафе… Но сепак, треба да бидеме претпазливи и тоа форсирање на неформалноста може да биде поза.

Измешајте книги со декоративни елементи
Земете пример од популарните полици на „Икеа“. Полиците заземаат голем дел од ѕидот и имаат многу простор, со што можете да „играте“ со разни елементи. Употребете разни вазни, украси од разни патувања, предмети што будат сеќавања и вашиот простор веднаш ќе потсетува на вас.

Направете вистинска библиотека
Доловете го топлото чувство од книжарниците или библиотеките со тоа што ќе создадете ѕид од книги. Пополнете ја секоја полица со книги без да внимавате на редот и оставете мал простор за некое зелено растение што ќе шири позитивна енергија.

Не следете правила
Играјте си со вашите книги, комбинирајте и поставувајте ги и вертикално и хоризонтално. Ќе заштедите простор, полицата ќе добие динамика, а просторот уникатност.