Како би изгледала Земјата без океаните?

165

Океаните покриваат најголем дел од површината на Земјата, вклучувајќи ги нејзиниот најдолг планински венец и античките патеки што во минатото ги поминувале луѓето од континент до континент.
Научникот Џејмс О’Донахjу, при oбработка на видео направено од НАСА од 2008 година, покажа како би изгледал светот ако исчезнат океаните и ако се откријат три петтини од површината на Земјата. О’Донахју работи во Јапонската вселенска агенција (JAXA), a претходно работел во НАСА. При обработката на анимацијата, тој додаде уште неколку информации, како што е следење на исчезнувањето на водата за време на траење на видеото.

– Јас го забавив почетниот дел од анимацијата затоа што има многу подводни пејзажи што ќе се појават многу брзо откако ќе исчезнат првите неколку десетици метри – изјавил О’Донахjу за „Бизнис инсајдер“.
На тој начин брзо би се откриле континенталните плочи и некои копнени патишта што ги преминале првите луѓе додека мигрирале од континент до континент. Пред десетици илјади години, нашите предци биле во можност да одат пеш од континентална Европа до Велика Британија, од Сибир до Алјаска и од Австралија до околните острови.
– Кога дошло до последната ледена доба, голем дел од водата на океаните се заледил на половите, поради што исчезнале овие копнени патеки, кои сега се покриени со вода – рекол О’Донахjу.

Во анимацијата исто така може да се види и најдолгиот планински венец на Земјата, кој би се појавил доколку нивото на морето се спушти за 2.000-3.000 метри. Станува збор за синџир што се протега на околу 60.000 километри низ целиот свет, а моментно повеќе од 90 проценти од неговата површина се наоѓаат под вода.