И најдоброто сценарио без насмевка е просечен патувачки филм

1392

Сум бил во точно 50 држави од сите континенти. Секоја култура, секоја нација, секое гратче имаат нешто уникатно и посебно, но за мене се издвојуваат Полинежаните, Бора Бора, Тахити, Фиџи, Самоа и Рапа Нуи, вели Борко

Борко Наумовски е светскиот патник од ТВ Телма. Над 100 дестинации успеа да сними за време за работата на брод како фитнес-инструктор и зумба-танчар, а сега неговите авантури и откриени култури се прикажуваа на Телма во емисијата „Светскиот патник“ секоја сабота во 17.40 часот. – Мојот сон уште како дете ми беше да научам многу јазици и да прошетам низ целиот свет и многу често гледајќи филмови за Индијанци, Абориџини или Африканци, визуализирав како сум со нив и како живеам во тие далечни земји. Сосема случајно во 2013 година почнав да работам како новинар за ТВ Телма и тогаш ми се роди страст кон снимањето. Не ми требаше долго време за да почнам да размислувам за начин на кој ќе можам да ги спојам мојата страст за патување и страста кон снимањето, и веќе есента 2014 година почнав со работа на брод како фитнес-инструктор и зумба-танчар, па оттука и авантурите и снимањата почнаа – вели Борко Наумовски.

Што ве натера да се нурнете во авантурите низ светот?

– Најголем непријател на човечкиот прогрес е комфорната зона. Израснав како плашливо и срамежливо дете и поради тоа пропуштив некој дел од детските радости. Тоа ме наведе како тинејџер да донесам одлука да го земам животот во свои раце и од 18 години секоја година правам нешто ново, учам нов јазик, нова професија, ново хоби, нова вештина и без никаков страв или задршка влегувам во различни животни авантури и предизвици. Стравот е нашиот најголем непријател, а по скокање со параглајдер, пливање со ајкули, играње со тигри, танцување во најголемите гета во Бразил, некако стравот исчезнува…

Што сакате да ѝ доближите на публиката со вашата емисија?

– Сакам да изградам доверба со публиката и секое саботно попладне од 17.40 часот на ТВ Телма да се препуштат и триесетина минути да ги однесам на дестинации и средби со локални култури, кои претходно никогаш не биле снимени на ТВ. Мојата цел е преку интервјуа со локалното население, преку презентирање локални занаети, традиции, интересни танци, музика, уметност да дознаеме повеќе за светот. Сакам гледачите да се насмеат, да се опуштат, но и да се информираат, да научат нешто ново, токму затоа поднасловот на серијалот е „Калчр трип“ – запознавање култури преку патување. Најголемата убавина на „Светскиот патник“ е тоа што јас сум вашиот сосед, вашиот син, вашиот пријател, јас сум најобичен дечко што без финансиски средства, сам преку работа на брод, за време на паузите имам снимено илјадници спонтани интересни ситуации. Јас сум еден од вас и со мојата најголема насмевка гледачите ќе видат како илјадници луѓе од целиот свет позитивни раскажуваат за нивните животи, но и дознаваат повеќе за нашата Македонија.

Дали приказните сами се прават или однапред им го смислувате сценариото?

– Однапред имав желби, замисли, истражував и правев структура за сценарио, но скоро секогаш бев целосно отворен да ме водат самиот ден, самото искуство и се препуштав на интуицијата за да одлучам каде да одам и што би било најинтересно да правам, снимам. Мојата поука е дека и најдоброто сценарио без насмевка е само просечен патувачки филм, додека позитивната енергија скоро секогаш носи неверојатни толку интересни снимки што и во најлудиот сон не би ги замислиле.

Тешко е сѐ да се одработи сам за една емисија, а притоа и да си ангажиран и за работа на брод… Со кои тешкотии се соочивте?

– На снимање сам, на мојот директен пристап при интервјуата и снимањето додека сум на пауза од работа некои кадри не се целосно стабилни, озвучувањето некогаш не е добро, но тоа е цената што морав да ја платам за да го доловам вистинското лице на Бразил, Азија, на Полинезија. Таа моја непосредност, авантуризам и позитивна енергија влијаеше да можам да имам разговори и ситуации што се 99 отсто спонтани, уникатни и ја прикажуваат реалноста на локалното население. Јас лично сум многу против патувачки емисии, кои се со информации од Википедија и целосно од дома подготвени, а дури 80 отсто од сите емисии за патување во светски рамки се во тој стил. Само мал процент се со авантуристички пристап, и јас би сакал да бидам еден од нив.

Верувам дека не е лесно да ги искомбинирате снимањето, забавувањето и работата. Како го менаџирате времето?

– Тоа е скоро невозможна мисија, на брод многу се работи, дури и до 70 часа неделно, со тоа што јас работев четири дена по 14 часа и три дена по 7 часа и во преостанатото лимитирано слободно време секогаш снимав. Многу пати сум испуштил оброци, спиење, контактирање со домашните и многу други привилегии, но скоро никогаш не испуштив снимање и затоа имам снимено стотина дестинации.

Што сѐ посети „Светскиот патник“ и што ве импресионираше најмногу?

– Сум бил во точно 50 држави од сите континенти. Секоја култура, секоја нација, секое гратче имаат нешто уникатно и посебно, но за мене се издвојуваат Полинежаните, Бора Бора, Тахити, Фиџи, Самоа и Рапа Нуи. Неверојатно мудар народ, имаат богата култура, ментално се многу силни и имаат јака енергија и воопшто не се засегнати од нашиот модерен материјализам. Имаат неверојатен хипнотизирачки мир и токму затоа решив да се истетовирам и да имам траен спомен на моето тело од оваа пребогата, мистериозна култура.

Топ пет дестинации…

– Островот на Моаите Рапа Нуи, неверојатно средениот Нов Зеланд, градот на иднината Сингапур, ладните, но преубави норвешки фјордови и најенергичната нација на светот, Бразил.

Какви искуства собравте низ светот и што присвоивте за себе?

– Патувањето околу светот се претвори во патување кон себеси, подобро себеспознавање, бидејќи секое ново место имаше некоја нова лекција за мене и ме менуваше како личност. Го ценам и сакам животот многу повеќе и се чувствувам многу душевно богат и тоа е уште една причина повеќе зошто мојата мисија е да ги разбудам младите во Македонија. А што присвоив, сега сум енергичен и разигран како Бразилците, смирен како Полинежаните, бизнис-организиран како Австралијците (или би сакал да бидам).

Каде би отишле уште еднаш, и уште еднаш и уште еднаш…?

– Бразил. Нивната способност да ги трансформираат сите лоши нешта како сиромаштијата, насилството, во преубави танци, капуера, уметност, спорт ми е инспирација дека и во најтешките моменти во мојот живот има некоја поука, но и можност да ги претворам тие моменти во нешто убаво и позитивно.

Која е мисијата на „Светскиот патник“?

– Мисијата на проектот „Светски патник“ е да се разбудат младите, но и нивните родители! Јас сакам да мотивирам што поголем број луѓе да излезат од комплексот на Македонче, комплексот на помала вредност и да се охрабрат и да го освојат светот. Мојот впечаток е дека во Македонија родителите премногу ги заштитуваат своите деца и живеат според мислата „моето дете нека заврши факултет за да не се мачи како мене“. На крајот имаме многу академски граѓани што седат дома и чекаат да се отвори директорско место. На сите тие млади луѓе, но и на нивните родители би им препорачал: разбудете се, охрабрете се, излезете од вашата комфорна зона и пробајте работа во странство. Јас можам на сите заинтересирани да им помогнам, само да имаат желба да успеат во животот и да се работливи.

На вашата мапа за патување кои дестинации остануваат да се посетат?

– Јас сум на половина од моите истражувања. Сакам да запознаам 100 земји и нивните култури. Јас сум магистер по интеркултурна комуникација и сигурно цел живот ќе трагам и ќе истражувам. Би сакал сам да ја откријам Африка, да патувам со ранец низ Азија со партнерка, додека кога ќе основам фамилија со дечиња би сакал подобро да ги истражам Северна Америка и Карибите.