Италијанскиот алтернативен бенд „Њу кендис“ во Скопје

41

Алтернативниот италијански бенд „Њу кендис“ утревечер ќе одржи концерт во Скопје, во Младинскиот културен центар, со почеток во 21 часот, во организација на издавачката куќа „Ротко“. Нивната музика ја опишуваат како инвентивна фузија од психоделија и постпанк, инди со британски вкус, дарк со „замаглен“ поп, звук што потсетува на легендарните „Стуџис“, „Џезус енд Мери Чеин“, „Прајмал скрим“, но во исто време тоа е звук што носи уникатност и инспиративност.

Бендот доаѓа од Венеција и е формиран во 2008 година. Според критичарите, Фернандо Нути – вокал и гитара, Андреа Волпато – гитара, Алесандро Боскиеро – бас и Дарио Лучези – тапани и перкусии, особено се силни во нивните живи изведби и прават фантастична концертна атмосфера.

Нивниот прв студиски албум „Stars Reach The Abyss“ го објавија во 2012 година, а продуциран од влијателниот британски продуцент Џон Астли, ги однесе на турнеја низ Англија и Италија. Песната „Meltdown Corp.“ беше вклучена во годишната компилација „The Reverb Conspiracy“. Вториот албум го издадоа во 2015-та, под наслов „As Medicine“, кој го однесе бендот трипати на турнеја низ Европа, а турнеите продолжуваат и со третиот и последен албум „Bleeding Magenta“, издаден во 2017-та. Изминативе неколку години, „New Candys“ ги освои и Австралија, САД и Мексико. Некои од нивните песни се искористени во познатата американска ТВ-серија на „Шоутајм нетворкс“ – „Бесрамни“.

Домашна поддршка на „Њу кендис“ ќе бидат фантастичните „Бим експеримент“, свеж експериментален рок-состав од Скопје, кој негува неограничени музички форми и со импровизирање го развива творечкиот процес, кој резултира со нивниот уникатен соничен израз.