Историското лансирање на „Спејс екс“ ќе почека подобри временски услови

224

Долгоочекуваното лансирање на леталото „Драгон“ на „Спејс екс“ до Интернационалната вселенска станица, беше откажано вчера, 17 минути пред почетокот на мисијата, поради временските услови, пренесува „Политико“. 

Полетувањето е презакажано за сабота, доколку временските услови бидат погодни. Ова лансирање треба да го одбележи првиот лет на комерцијалното вселенско летало што ќе одведе луѓе во орбитата и да го означи враќањето на капацитетот на САД да испраќаат луѓе во вселената, по речиси една деценија потпирање на Русија.

Американскиот претседател Доналд Трамп мисијата ја смета за голем чекор во оживување на вселенската програма и влегувањето во нова ера за рутински патувања не само за НАСА, туку и приватните претприемачи, па дури и за просечните граѓани. Трамп, исто така, си постави амбициозна цел да ги врати луѓето на Месечината до 2024 година, да ги реформира федералните регулативи за да помогне да се создаде нова вселенска економија, како и да воспостави Американските вселенски сили, нова воена гранка чиј домен ќе биде вселената.

– Ниеден друг претседател не си постави ваква цел досега. Тој го направи ова дел од неговото наследство. Трамп стави акцент на важноста на вселената, а создаде и таква вселенска еуфорија што не сме ја почувствувале во САД со децении – изјави поранешниот републикански претставник Роберт Вокер, водечки консултант за вселената и лобист кој го советуваше Трамп за вселенската политика. 

Астронаутите на НАСА, Роберт Бенкен и Даглас Харли, требаше да полетаат од истата локација каде полетаа астронаутите на „Аполо 11“ кон Месечината во 1969 година. Ако летот во сабота е успешен, тогаш ќе се приклучи на Интернационалната вселенска станица, каде што Бенкен и Харли ќе им се придружат на астронаутот Крис Касиди и руските космонаути Анатолиј Иванин и Иван Вагнер.

НАСА и „Спејс екс“ презедоа дополнителни превентивни мерки поради коронавирусот. Бенкен и Сарли беа двапати тестирани, како и сите со кои биле во контакт пред полетувањето, со цел да не се донесе вирусот на Интернационалната вселенска станица. 

Лансирањето в сабота ќе биде главна пресвртница во вселенските патувања, а во иднина ќе овозможи летање до приватни вселенски станици или патувања до Месечината.

– Ова отвора нови хоризонти за иднината. Тоа значи дека ќе имаме луѓе кои ќе стигнат до Месечината, без да биде потребно сето тоа да се одвива преку НАСА – изјави Вокер. 

Ваквото партнерство помеѓу НАСА и трговските компании се смета за клучен начин преку кој агенцијата брза да ги исполни барањата на Трамп за слетување на месечината во 2024 година.

Успешниот лет ќе стави крај на долгогодишната потреба од барање помош и соработка со Руската вселенска агенција, која транспортира американски астронаути на леталото „Сојуз“ од 2011 година, кога НАСА ја повлече програмата за вселенски шатлови.