Ирис Апфел – модна икона на 97 години

99

Светски позната модна икона Ирис Апфел, која има 97 години, потпиша договор со една од најистакнатите светски агенции за модели „ИМГ моделс“. Таа е позната по својата кратка, бела коса, огромните очила и многу накит, но секако и по тоа што беше задолжена за дизајн на ентериерот на Белата куќа, и тоа за време на десетмина претседатели, почнувајќи од 1945 година.

Ако некој заслужува статус на легенда, тогаш тоа е Ирис. Позната дизајнерка на ентериер, колекционерка на накит и уметнички предмети, модна икона и инспирација за многу дизајнери, бескрајно духовита и автентична.

Деновиве Апфел се приклучи кон друштвото на актуелните модните икони како што се Џиџи Хадид, Жизел Бундхен, Лили Олдриџ и Халими Аден.

– Многу сум возбудена. Никогаш немав волку добар агент. Кој би рекол дека ќе станам модел на 97 години – рече Ирис при потпишувањето на договорот.

Директорот на „ИМГ моделс“, Иван Барт, вели дека Ирис е икона со стил и со неизмерен талент.

– Таа зрачи со креативност и инспирација и ние сме толку возбудени што имаме можност да соработуваме со неа и да овозможиме светот да чуе за тој талент. Ние сме воодушевени, со ваков елан Апфел докажува дека годините се само број и оти тие не мора да бидат нешто што ги ограничува луѓето – вели Иван Барт.

Годините не ја спречуваат Ирис да живее со полна пареа, таа ги следи модните случувања, редовно оди на шопинг и постојано внимава на својот личен стил.

Освен тоа, Ирис во 2005 година стана прва жива личност што ги изложила своите алишта и додатоци во музејот на уметноста „Метрополитен“. Оваа изложба ја видоа 150.000 луѓе. Сепак, самата Ирис не се смета за модна икона.

– Модата не е мојот живот. Не живеам да се дотерам. Ми се допаѓа невообичаената гардероба, но ѕирнете во гардероберот и ќе видите дека имате цел шарен свет со кој можете да експериментирате – изјави Ирис.

Светот е воодушевен и од документарецот што го следи нејзиниот живот, чиј режисер е Алберт Мајселс, објавен на „Нетфликс“ во 2014 година. А во 2018 е објавена и нејзина биографија инспирирана од нејзиниот богат живот, полн со инспиративни искуства.

Таа себеси се нарекува геријатриска старлета и нонстоп е насмеана.