Интимна, акустична средба на Петар Грашо со скопјан(к)и

721
Фото: Стефан Рајхл

Најтиражниот и најнаградуван музичар во регионот, хрватскиот пејач Петар Грашо, вчеравечер во салата на Македонската филхармонија, го одржа првиот од предвидените три концерти, во организација на „Авалон“ продукција.
Овојпат, место настап во некоја голема арена, тој се одлучи за интимна, акустична средба со скопската публика, која до крај ја исполни салата, од која цели два часа одекнуваа најпознатите хитови на талентираниот Далматинец: „Ако те питају“, „Увик исти“, „Моје злато“, „Љубав једне жене“, „Ко нам брани“, „Уторак“, „Не знам за се“…

– По настапите во големите сали и арени посакав да одржам серија концерти во помали, поинтимни простори, како што е овој, прекрасната, акустична сала на Македонската филхармонија. Искрено, за мене едни од најуспешните и незаборавни концерти се токму оние три што заедно со Оливер Драгоевиќ, ги одржавме пред десетина години во скопската Универзална сала. Секогаш се радувам на доаѓањето во Скопје, во Македонија, кај моите пријатели, па иако можеби звучам патетично, оваа атмосфера, емоциите што сите ги почувствувавме вечерва, не може никој да ги негира – изјави Грашо за време на првиот скопски концерт.

Публиката, која осумдесет отсто ја сочинуваа неговите распеани обожавателки, што со шеговит коментар го забележа и шармантниот пејач, со своето пеење, кое вешто беше диригирано од самиот Грашо, ги украси сите негови песни, уште од самиот почеток на концертот.

Тој еден дел од концертот му посвети и на легендарниот Оливер Драгоевиќ, на кого, како што рече многу му должи за успешната кариера, а ја слушнавме и евровизиската песна „Нека ми не сване“, чиј автор е тој, со која неговата партнерка Даниела Мартиновиќ, со која живее повеќе од 20 години, освои четврто место на „Евровизија“, а на спискот на 50 најубави евровизиски рефрени го зеде седмото место.

Кога одекнаа првите поживи мелодии, повеќето присутни станаа и танцуваа, а романтичните ноти предизвикаа многу прегратки и бакнежи во публиката. И Петар кој свиреше на синтисајзер и музичарите што го придружуваа, со својата квалитетна изведба придонесоа и оваа негова средба со нашата публика да биде незаборавана.

– Ако уживате барем 50 осто колку што уживаме ние на сцената, тогаш ова е вечер за паметење – рече на крајот на првиот од трите концерти во Македонска филхармонија, расположениот Грашо.

Се надеваме дека и вечерва и утревечер, тој ќе даде се од себе публиката да ужива во неговиот на моменти романтичен, на моменти пробивен, малку засипнат глас и во неговите бројни хитови, кое допреа до милионска публика во целиот регион.

М.Т.