Интервјуа што го обележија векот

67
Хичкок и Трифо

Објавени во различни периоди од минатото столетие, овие разговори со најголемите политичари и други познати личности оставија најсилен и најтраен впечаток врз светската читателска јавност. Интервјуата се водени од врвни новинарски и водителски имиња

Адолф Хитлер: Германско-американскиот новинар Џорџ Силвестер Вијерек во 1923 г. направи интервју со Адолф Хитлер, кое беше објавено дури во 1932 г., во американското списание „Либерти“. Во него, Хитлер ги напаѓа Евреите и сите дојденци, залагајќи се за нивно протерување од Германија. Истовремено, првпат ја спомнува голема Германија, која, според него, мора да се прошири на Запад и да ги освои балтичките држави.

Фидел Кастро: Во 1957 г., кубанскиот востаник Фидел Кастро го покани на гости новинарот на „Њујорк тајмс“, Херберт Метјуз, нудејќи му ексклузивно интервју. Во тоа време, нивната средба во опасните, непроодни планински предели на Куба требаше да ги демантира тврдењата на тогашниот шеф на државата, Батиста, дека ги искоренил герилците и го убил Кастро.

Алфред Хичкок: Во 1962 г. двајцата славни режисери Франсоа Трифо и Алфред Хичкок се затворија во канцеларијата на вториот и цели осум дена разговараа за и околу филмовите. Покрај интервјуто, излезе и книга според која во 2015-та е снимен документарецот „Хичкок/Трифо“. Двајцата режисери нашироко дискутираат за неговата кариера, како и за техниките и специјалните ефекти во неговите морничави филмски приказни.

Џон Ленон: Критичарите сметаат дека интервјуто снимено по распадот на „Битлси“ од уредникот на списанието „Ролингстоун“, Јан Венер, претставува најзначајно интервју во историјата на рок-музиката. Врз негова основа е публикувана книгата „Ленон се сеќава“. Во текот на разговорот до него седи сопругата Јоко Оно, која имаше огромно влијание врз него. Ленон зборува за распадот на групата остро напаѓајќи го Пол Мекартни, за неговиот однос кон дрогата и војните.

Ајатолахот Хомеини: Во 1979 г. левичарската италијанска новинарка Оријана Фалачи, која во својата колекција има навистина импресивни интервјуа, разговараше со иранскиот лидер Хомеини за „Њујорк тајмс“. Фалачи беше покриена со чадор, а кога го тргна од себе и се разоткри, интервјуто беше прекинато. Хомеини се согласи да го заврши дури следниот ден.

Мајкл Џексон: Откако 14 години одбиваше секакви интервјуа, на 10 февруари 1993 г., американскиот пејач се согласи да гостува во емисијата на Опра Винфри. Ова интервју сѐ уште важи за најгледано во историјата на телевизијата, го следеа повеќе од 90 милиони гледачи. Џексон ѝ признава на Опра дека имал мала пластична операција, но само на носот.

Принцезата Дијана: Во 1995 г. англиската принцеза даде интервју за Би-би-си, во кое отворено зборува за бракот со Чарлс и односите во кралското семејство. Таа открива дека кралицата им советувала развод, а првпат ја спомнува и љубовницата на својот сопруг, Камила. Дијана е видно потресена додека зборува. Интервјуто со Мартин Башир, всушност, е најава за разделбата на кралската двојка, која се случи по еден месец.

Принцезата Дијана

Моника Левински: Новинарката на телевизијата АБЦ, Барбара Волтерс, на 3 март 1999, ја „угости“ Моника Левински, службеничка во Белата куќа и љубовница на поранешниот претседател Бил Клинтон, со кој била во врска од 1995 до 1997 г. Моника во интервјуто признава дека Клинтон не бил единствениот оженет маж со кого била во врска, а истовремено и јавно ѝ се извини на неговата сопруга Хилари. Интервјуто го гледаа околу 70 милиони луѓе.

Моника Левински

В.Б.Н.