Интелигенцијата може да се предвиди?

209

Ќе ви биде драго ако носите очила за гледање кога ќе ги прочитате резултатите од ова истражување – 30 проценти е поголема веројатноста поинтелигентните луѓе да носат очила или контактни леќи или генетски се предиспонирани да ги носат во иднина. Луѓето што носат очила често мислат дека се попаметни од другите и се чини дека се во право, велат научниците.

Експертите од Универзитетот во Единбург ги објавија резултатите од обемниот проект чија цел е да откријат кои гени влијаат врз „општата когнитивна функција“, која е клучен показател за интелигенцијата.

Еден од резултатите е и дека е поголема веројатноста луѓето со повисока когнитивна функција да носат очила или контактни леќи.

Истражувачите анализирале 300.486 лица, на возраст од 16 до 102 години, во студијата што е објавена во научното списание „Нејч комуникејшнс“. Притоа откриле дека 148 гени се поврзани со интелигенцијата. Триесет проценти е поголема веројатноста поинтелигентните луѓе да носат очила или контактни леќи или се генетски предиспонирани да ги носат во иднина. Но не радувајте се ако сте далековиди. Истражувањата покажале дека позитивната врска помеѓу интелигенцијата и видот се однесува само на лица со миопија или кратковидост.

Иако врската помеѓу интелигенцијата и носењето очила е генерално позитивна, всушност помала е веројатност луѓето со поголема когнитивна функција да бидат далековиди.

Студијата исто така укажала и на поврзаноста помеѓу високата когнитивна функција и здравствените проблеми, како што се кардиоваскуларните заболувања и хипертензијата (висок крвен притисок) и депресијата.