Индонезија менува закон за да ги прекине детските бракови

79
фото: илустрација

Индонезиски здруженија се борат да ја зголемат дозволената возраст на која девојките во оваа земја им е дозволено да се мажат. Моментално, во Индонезија на девојките законски им е дозволено да се мажат од 16 години.

Здруженијата кои се борат за зголемување на оваа минимална граница добија добри вести од Уставниот суд и се надеваат дека законодавците во оваа земја ќе ги прекинат браковите со децата, пренесува Ројтерс.

Според здружението „Девојки Не Невести“, Индонезија е во топ 10 земјите во светот во кои деца стапуваат во брак.

-Сега имаме легитимитет за тоа дека одлуката на Уставниот суд ја подобрува нашата позиција – изјави Лиа Енџи, правен претставник на коалицијата против детските бракови.

Колицијата својата претставка до судот ја испрати по основ на тоа дека Законот за брак е дискриминирачки кон девојчињата на кои им е дозволено да се мажат на 16 години, додека законски момчињата можат да стапат во брак на 19 години.

Највисокиот суд во Индонезија одлучи дека владата во оваа земја мора да ја промени оваа граница за девојките во земјата. Судот не инсистираше на тоа дека границата мора да се зголеми и им остави на властите три години да одлучат која ќе биде новата минимална граница.

Лиа Енџи за Ројтерс изјави дека судската одлука е вистински чекор за да се искоренат детските бракови. Во Индонезија на девојчињата легално им е дозволено да стапат во брак на 16 години, но постои практика во руралните средини на оваа земја девојките да бидат мажени и на многу порана возраст.

Една од четири девојки во Индонезија стапува во брак пред 18 години, според информациите од Обединетите нации. Во просек, повеќе од 3.500 индонезиски девојки се мажат секој ден.

Судот се согласил дека Законот за брак е дискриминирачки кон женскиот пол, со што оттаму наведуваат дека претходниот закон нема рамки кои ги заштитува децата. Заради претходно наведените причини, судот прифатил дека е неопходно законот да се промени.