Има ли Британија грижа на совеста поради туѓото богатство во нејзините музеи?

78

Повиците на повеќе држави за враќањето на нивните артефакти што се во посед на британските музеи, го актуелизираше прашањето дали Велика Британија треба да ги врати светските историски богатства на земјите од каде што потекнуваат, со што дел од јавноста на островот веќе се солидаризира со апелите од странство.

По протестот во Британскиот музеј во февруари, за време на кој најмалку 300 лица го искажаа својот револт против континуираното партнерство на музејот и нивниот спонзор, „Бритиш Петрол“, сѐ повеќе се забележува незадоволството во јавноста поради тоа што музеите се претвориле во неетички финансирани куќи, коишто со валкани пари прераснале, во навидум, во блескава граѓанска гордост. На народот му е смачено од селективни истории и полувистини, се наведува во колумна на „Гардијан“.

– Британските институции се анксиозни и параноични до степен на непријателство и константно се противат да ја сфатат репатријацијата сериозно. Тие сметаат дека доколку вратат еден предмет во земјата од каде што оригинално потекнува, нивната колекција значително ќе се намали – пишува „Гардијан“.

Оние кои протестираа, па дури и некои од вработените, сметаат дека на Британија ѝ се потребни музеи кои не се плашат да признаат дека ги немаат сите одговори и прифаќаат критики. Музеите мораат да се ослободат од размислувањето дека доколку тие откријат нешто, истото можат да го задржат и не треба да бараат изговор во тоа дека не може да се докаже оригиналното потекло на предметите поради нивната застареност.

За да се врати довербата на луѓето во музеите, овие институции треба да ги покажат документите во кои точно стои каде се пронајдени предметите и од каде оригинално потекнуваат, како и да објаснат зошто имаат право да ги задржат тие предмети, во спротивно проблемот со репатријацијата нема да се реши и исчезне, наведува британскиот весник.

Еден од многуте примери за тоа спорот за враќањето на мермерните статуи од Акропол во Грција. Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос побара од Велика Британија да ги „ослободи и врати“ мермерните статуи од Акропол од нивниот „мрачен затвор“. Станува збор за колекција од класични грчки статуи направени од уметникот Фидијас и неговите помошници, кои некогаш биле дел од знаменитиот антички споменик во Атина, Акропол, а сега се наоѓаат во Британскиот музеј.

Спорот за враќањето на статуите во Грција трае речиси 200 години. Меѓутоа Британскиот музеј одби да ги врати мермерните статуи, образложувајќи дека сер Томас Брус, британски дипломат кој ги земал спомениците, истите ги стекнал по легален пат од страна на Отоманската империја. 

Исто така, аукциската продажба на бистата на момчето-фараон Тутанкамон, која се случи минатата недела во Лондон, предизвика низа реакции од страна на Египет. На денот на аукцијата, пред аукциската куќа дваесетина демонстранти стоеле со плакати и мирно протестирале. На плакатите пишувало „Египетската историја не е на продажба“.

На ова, од аукциската куќа одговорија дека биле преземени сите неопходни мерки за да се докаже потеклото на бистата и оти продажбата била легитимна.

– Ние сме свесни дека историските објекти можат да започнат комплексни дискусии за минатото, но и покрај тоа, нашата улога, денес, е со работата да продолжиме да обезбедуваме транспарентен и легитимен пазар, кој е со највисок стандард за пренос на предмети – истакнале оттаму. С.Ку.