Изложба на делата од Керамичката работилница во Вранештица

113

Делата создадени на петтата, јубилејна, Младинска керамичка работилница, која во текот на јуни се одржа во селото Вранештица, Кичевско, се претставени во изложбениот салон од Домот на културата во Македонски Брод. Покрај Кичево и Македонски Брод, овој опус создаден од кичевските средношколци се очекува да гостува и во други градови.

– Делата што летово ги создадоа кичевските средношколци во селото Вранештица, во рамките на работилницата, чиј покровител беше центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево, деновиве можат да ги видат и жителите на Македонски Брод. Триесетината уникатни керамички творби создадени од вредните раце на кичевските средношколци, ќе бидат изложени десетина дена, од 5 до 15 декември, а потоа делата од годинашната Керамичка работилница ќе бидат претставени и во други градови во земјава – вели Мазлам Османи, директор на Центарот за култура во Кичево.

Тој додаде дека годинава првпат на керамичката работилница самостојно работеле кичевските средношколци.
– Посакуваме да бидеме дел и од шестата керамичка работилница и со искуството што годинава го стекнавме уште повеќе да навлеземе во тајните на овој прастар занает – ни рекоа средношколките од Кичево.