Излогот е бесплатна реклама на секој бренд

146

Во ноември ќе се случи фестивалот на излози, на кој се поканети сите. Планот е да направиме естетска инвазија на улицата Македонија, па, секако, тука е многу важно и учеството на самите сопственици на бутиците. На наша голема радост, веќе имаме потврдни одговори од неколку учесници, ни сподели Лидија

Денес се јавува еден тренд каде што излозите на бутиците и на продавниците не се само место за изложување на производите. Компаниите, без разлика дали се мали или големи, ги користат излозите како билборди преку кои испраќаат пораки до минувачите.

– Пораката може да е од глобален или од локален карактер, сеедно, но тоа додава одговорност во уредувањето, односно не бара само вештина за декоратерство, туку бара малку потемелен и фокусиран пристап – смета Лидија Георгиева, модна дизајнерка и професорка.

Таа заедно со Искра Јанковска Михајловска, како архитектка, Кристина Глигоровска, како модна истражувачка и теоретичарка, се основачкиот тим на „Виндоу дисплеј вик“, кој треба да се одржи во ноември и да стави акцент на значењето на излозите и визуелната култура на Скопје.

– Сфативме дека на Скопје му е потребна надградба на визуелната култура, па одејќи од една во друга идеја, заеднички го развивме концептот. Овој концепт наиде на поддршка кај швајцарската амбасада, па, така, почнавме да ја шириме и развиваме идејата. Возбудливо е тоа што ваков настан досега не постоел, ние го креираме и со секое ново искуство, го усовршуваме. Генерално, се работи за идеја да се оформи недела на излозите, слично на модна недела или недела на дизајнот, кои сега ги има во секој главен град. Во оваа манифестација, преку разни активности во кои се вклучени излозите во центарот на Скопје, би се презентирал еден отворен фестивал, чија публика се жителите на градот – објаснува Георгиева.

Освен идејата градот да стане вектор на креативноста и отворена галерија/излог, кој ќе ја подигне визуелната култура, целта на настанот е наедно едукативна и стимулативна за младите модни дизајнери и архитекти, кои се повикани да учествуваат во проектот.

– Имено, тоа што порано се нарекуваше кај нас аранжер или декоратер на излози, денес во светот се нарекува вижуал мерчендајзер и е на некој начин еволуирана форма – современа верзија на оваа професија. Се работи за задача што во постојана соработка со креативното студио и во согласност со маркетинг-стратегијата мора да ги следи и интерпретира брендовската ориентација, концепт и приказна со чиј излог се занимава. Наша идеја беше дека ако воспоставиме соработка меѓу млади модни дизајнери и архитекти, тие заедно би можеле на многу интересен начин да одговорат на задачата, особено што едукација за ваков профил кај нас не постои – вели Лидија.

Изминатиов период во рамките на проектот се одржани интересни презентации од Александра Оленска и Солин Дабовил од Париз, светски имиња од оваа област, кои ги пренесоа актуелните случувања, светските трендови и начин на работа во амфитеатарот на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

– Потоа од универзитетот „Метрополитен“ од Белград ни дојдоа тројца истакнати ментори од областа на модниот дизајн – Александар Протиќ, Тијана Павлов и Катарина Урошевиќ. Со нивна помош, одржавме дводневна работилница на која беа формирани групите што ќе работат на реализација на излозите.

Наесен со слични активности преминуваме на полето на архитектурата, односно со мастеркласови и работилници поддржани од светски и домашни имиња од полето на архитектурата, ќе работиме на оформување на идеите и проектите за реализација на излозите. Конечно, во ноември ќе се случи фестивалот на излози, на кој се поканети сите. Планот е да направиме естетска инвазија на улицата Македонија, па, секако, тука е многу важно и учеството на самите сопственици на бутиците. На наша голема радост, веќе имаме потврдни одговори од неколку учесници – ни сподели Лидија.

Кога станува збор за изгледот на излозите кај нас, таа вели дека има сѐ и сешто, но чест на исклучоците што внимаваат брендот и излогот да кореспондираат со приказната во внатрешноста на просторот и продуктот што се пласира. Вниманието на минувачите најсилно го привлекуваат оригинална идеја и комуникативна вештина – социјалните мрежи во голема мера ја сменија естетиката на новите креативни процеси.

– Погледнете ги само ТВ-рекламите за ова лето и размислете за боите и формите што се презентираат, многу од нив, особено газираните пијалаци, се под директно влијание на оваа нова естетика. Покрај ова, денес современата технологија овозможува и интерактивност меѓу минувачот и продавницата, а со тоа веќе се воспоставува контакт и се праќаат силни пораки од различен карактер.

Но некогаш е доволно и обично парче хартија, изработено со прецизност и богата идеја, за да се постигне добра комуникација. Сѐ понатаму е креација и добра идеја – објаснува Лидија.

Излозите неизмерно придонесуваат и за издигнување на визуелниот изглед на еден град.