Идеални филмови за летните горештини

169

Летните ноќи се идеални за опуштање со романтични љубовни филмови, додека се разладуваме со омилениот пијалак и пуканки. Отпатувајте на некоја друга дестинација со помош на списокот на филмови што ви го нудиме.

„Летно лудило“
Низ многубројните авантури на главните ликови, овој филм зборува за едно од главните животни прашања: дали потрагата по љубовта може да биде успешна? Уживајте во филмот што сигурно ќе ве натера да се смеете на глас, бидејќи едно неочекувано изненадување го следи другото.

„Мали бели лаги“
Оваа комедија се занимава со сфаќањето на животот. Една генерација е препуштена на суровоста на модерното доба или на чистото уживање – зависи во кој фазон сте. Освен интересната приказна, постои уште една причина да го погледнете овој филм, а тоа е прекрасната Марион Котилиар.

„Украдена убавина“
Приказна за една тинејџерка која доаѓа во село во Тоскана по смртта на својата мајка, за да открие кој е нејзиниот вистински татко. Неколку години порано Луси престојувала во истото село и тогаш се бакнала со едно шармантно момче, па сега се надева дека ќе го обнови познанството. Филмот е полн со неизвесност, создаден за уживање во летните топли ноќи.

„Плажата“
Млад Американец е вљубен во патувања и е подготвен и да го ризикува својот живот само заради возбудата што ја чувствува кога ќе се впушти во најопасни авантури. Доколку сте љубители на драма и авантура ова е вистински филм за вас.

„Празник во Рим“
Неодоливата Одри Хепберн во овој филм ја игра принцезата Ен, која е на пропатување низ неколку европски града, меѓу кои е и Рим. Една вечер тајно ја напушта амбасадата на својата земја за да ја запознае одблиску престолнината на Италија. Уморната принцеза заспива на една клупа, каде што ја забележува американскиот новинар Џо Бредли.

„Гола вистина“
Фокусирана на кариерата како продуцент на утринска емисија, Аби мечтае дека принцот на бел коњ постои и дека еден ден ќе го најде. Мајк, пак, е водител на интерактивно шоу во кое зборува за мажите и за жените, кои изгледа перфектно добро ги разбира. Рејтингот на емисијата на Аби оди надолу, па затоа е повикан Мајк да ѝ даде малку шмек и нов дух. Иако на почетокот таа не го поднесува, потоа ги прифаќа неговите совети со цел да го освои нејзиниот сосед, кој изгледа како да е она што таа целиот живот го чекала. Главните улоги ги толкуваат: Кетрин Хејгл, Жерард Батлер, Бри Тарнер.

„Животот, онаков каков што го знаеме“

Холи и Ерик се наместени на состанок на слепо од страна на нивните најдобри пријатели, брачната двојка Питер и Алисон. Состанокот завршува уште пред да започне, бидејќи тие не можат да се поднесат. Среќната брачна двојка несреќно погинува во сообраќајна несреќа, а грижата за нивното бебенце Софи им е доделена на нивните најдобри пријатели. Тие сега мораат да научат да живеат еден со друг заради бебето. Во главните улоги ќе ги видиме: Кетрин Хејгл, Џош Духамел и Џош Лукас.

„Што се случува во Вегас“
Една случајно настаната млада брачна двојка, во текот на една луда ноќ во Вегас, станува добитник на џек-пот, поради што е принудена на заеднички живот. Судијката сака да им одржи лекција и да ги натера да сфатат дека треба да се стремат нивниот брак да успее, но тие едвај успеваат да се поднесат еден со друг, додека истовремено постојано коваат планови како да го „лизнат“ својот партнер за да ги земат сите пари за себе. Улогите ги толкуваат: Камерон Дијаз, Ештон Качер и Роб Кордри.