Ида Престер, Аида Јокановиќ и Ѓуле ван Гог се водители на МАС

113

Пуштени се влезниците за музичкиот настан што на 29 јануари ќе го обедини регионот – „Мјузик авардс церемони“ (МАС), кој ќе се одржи во арената „Штарк“ во Белград. Организаторите ги открија и имињата на водителите на повеќечасовното шоу, на кое ќе настапат најголемите балкански музички ѕвезди: Марија Шерифовиќ, Жељко Јоксимовиќ, Бајага, Ван Гог, Петар Грашо, Тони Цетински, Сергеј Ќетковиќ, Каролина Гочева, Наташа Беквалац и многу други.

Публиката низ МАС ќе ја водат Ида Престер, Аида Јокановиќ и Ѓуле ван Гог, кои ќе се погрижат атмосферата на првото регионално доделување на музичките признанија да биде на највисоко ниво.

Според најавите, „Скајмјузик“, кој ја организира и продуцира манифестацијата, на посетителите ќе им приреди спектакл за паметење. На неколку поврзани бини ќе бидат изведени специјално осмислени и режирани настапи на најголемите ѕвезди, ќе бидат доделени повеќе од 30 музички признанија, над двесте ВИП-гости ќе прошетаат по црвениот килим, а посетителите на манифестацијата ќе почувствуваат атмосфера на најголемите светски музички настани.

МАС ќе ги собере на едно место најголемите ѕвезди од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора, а публиката од регионот има можност преку страницата musicawardsceremony.com да гласа за своите фаворити и со тоа да ја зголеми шансата да влезат во историјата како први добитници на МАС- признанијата. Околу 250 номинации се распоредени во 13 категории, а досега се пристигнати преку половина милион гласа.