Кој ќе го спаси Вестерос?

146

Преостануваат помалку од два месеци до почетокот на последната, осма сезона од ТВ-серијата „Игра на троновите“, па се појавија нагаѓања дека Серсеи Ланистер ќе биде клучниот лик за спасување на Вестерос.

Во седмата сезона, во една од епизодите, Серсеи, којашто ја глуми Лена Хеди, му наговести на својот брат Џејми (Николај Костер-Валдау) дека чека дете од него. Љубителите на оваа популарна серија тогаш се сомневаа дека таа всушност манипулира, само за да остане на престолот.

Обожавателите се прашуваат дали нејзината бременост ќе го спречи Ноќниот крал да ги убие сите во Вестерос.

Познато е дека Белитe талкачи земат бебиња како жртви, што се виде во втората сезона, кога Крестер (Роберт Пуг) им ги даде своите синови. Дали Серсеи ќе го жртвува своето дете на Ноќниот крал? Многу е веројатно и тоа би било огромен пресврт – еден од најголемите негативци меѓу ликовите, да испадне најголем херој на крајот.

Лена Хеди е воодушевена од женските ликови во серијата, а посебно од Серсеи.

– Тие навистина се воздигна во текот на оваа серија. Искрено ја сакам Серсеи и човек не може да не се восхитува некому што го преживува она што и таа. Таа апсолутно одбива да попушти, истакна актерката.

Тоа ќе биде последна сезона од серијата „Игра на троновите”. Ејч-Би-О (HBO) сѐ уште се воздржува околу откривањето подробности. Почетокот на емитувањето е закажан за април.