Игор Војновски има богата колекција од „Монти Пајтон“

605

Заминувањето на Тери Џонс (77), еден од основачите на хумористичната група „Монти Пајтон“, која засекогаш го промени светот на комедијата кога дебитира на Би-би-си во 1969 година, го потсети Игор Војновски, новинар и добар познавач на филмот, на неговата богата колекција, посветена токму на оваа познатата хумористична серија, базирана на апсурд, цинизам и исмејување на секаков вид авторитет, која беше снимена во 45 епизоди што се емитуваа во неколку циклуси од октомври 1969 до декември 1974 година.

– Во мојата колекција имам речиси сѐ од видеопродукцијата на „Монти Пајтон“, плус книги, меморабилии…, како и дела на членовите на групата што ги работеле во периодот по напуштањето на серијата. Инаку, оригиналните епизоди првпат ги гледав во втората половина на 1980-тите, кога ТВ Сараево ја емитуваше во својата ноќна програма „Ноќ и ден“ за подрачјето на ЈРТ. Тогаш еден мој другар ја снимаше серијата на ВХС и потоа повторно ја гледавме, а потоа ги најдовме и пиратски копии на филмовите – се сеќава Војновски.
Сепак, оттогаш, како што вели Игор, тој не се навратил на епизодите на култните „Монти Пајтон“.

– Иако во боксетот што го поседувам повеќе од десет години ја имам целата серија, не сум почувствувал потреба да ја гледам повторно, бидејќи нашиве политичари како да ја украле идејата без да ги почитуваат авторските права (во стил на индиската филмска индустрија) и направиле ривајвл на серијата, нудејќи ни секојдневно нови епизоди, полни надреализам со години, претворајќи ја во неподнослива сапуница – со доза на иронија вели тој.

Според Игор Војновски, неодамна починатиот Тери Џонс е вториот од шесте автори и актери што ја сочинуваа оваа единствена група комедијанти.
– Тери беше и режисер на трите долгометражни играни филма што следуваа по серијата: „Монти Пајтон и светиот грал“, „Житието на Брајан“ и „Смислата на животот“. Но тој е и оној голиот пијанист што свиреше на пијано меѓу скечовите – ни рече Војновски.

Во 2016 година, Џонс објави дека боледува од деменција и оти се повлекува од сите натамошни настапи. Роден во 1942-та во Колвин Беј, Велс, Џонс студирал англиска книжевност кога го запознал Мајкл Пејлин, со кого потоа почнал да пишува сценарија и да настапува во низа ТВ-серии. Заедно со Џон Клиз, Грем Чепмен, Ерик Ајдл и Тери Гилијам, тие во 1969-та ја формираа групата „Монти Пајтон“, чиј „Летачки циркус“ се емитуваше до 1974 година.