Ивона Јовановиќ сними спот за „Убав е овој свет“

97

Макфестовската тема на Ивона Јовановиќ, „Убав е овој свет“, деновиве доби свое видеоиздание, кое го изработија Давид Радичевски, познат на широката јавност како Давид Блек, Александар Ризински и Александар Комненовиќ.

– Спотот досега на музичката мрежа Јутјуб го виделе околу 60.000 луѓе, но верувам дека оваа бројка постојано ќе се зголемува, со оглед на фактот што луѓето ја пеат во еден глас на моите настапи. „Убав е овој свет“ е дело на Филип Неделковски, а аранжманот го направи Дарко Тасев. Досега имам преслушано многу песни, напишани за мене од многу автори.

Но сите ги одбив, затоа што ниедна не го разбуди во мене она нешто што не би можела да ви го објаснам со зборови во овој момент. Стигна сосема спонтано до мене, ме освои на прво слушање и реков тоа е тоа. „Убав е овој свет“ е моја песна.

Знаев дека е за „Макфест“ и оти сакам да снимам спот за неа.Така и се случи – вели Ивона Јовановиќ.

Таа со музика се занимава уште од дете. На јавноста ѝ стана позната по учеството во шоуто „Ѕвездите на Гранд“. Има свој јутјуб-канал, на кој објавува смешни видеа, во кои со нејзиниот пријател Марио Арангеловски го споредуваат светот со Македонија.