Зошто сателитите на Илон Маск ги вознемируваат набљудувачите на ноќното небо?

541

Илјадници сателити на компанијата „Спејс екс“ беа лансирани како дел од проектот „Старлинк“, со кој треба да се подобри глобалната пристапност до Интернет на Земјата. Но, присуството на сателитите ги вознемири оние кои уживаат во набљудувањето на ноќното небо. Астрономите, професионални и аматери, повторно му се лутат на извршниот директор на „Спејс екс“, Илон Маск, пренесува Си-ен-ен.

Ирскиот комичар и астроном, Дара О’Брајан, е само еден од стотиците кои се пожалија на новонастанатата ситуација. 

– И јас ги забележав. Станува збор за сателитската мрежа „Старлинк“. Маск сака да лансира 1.000 нови. Толку од гледањето на ноќното небо – напиша О’Брајан на Твитер. 

Роберт Маси од Кралското астрономско друштво на Велика Британија објаснува дека долгорочното влијание на сателитите зависи од нивната финална позиција. 

– Сателитите можеме да ги видиме сега бидејќи тие беа лансирани на 18 март – вели Маси.

Планот на Маск е да ја прекрие Земјата со 40.000 сателити кои ќе овозможат пристап до брз Интернет насекаде низ светот, а ќе бидат замена на земните провајдери. 

Иако сателитите можат да бидат видени од Земјата, тие се одвај забележителни. Но, според „Нешнл џиографик“, рефлексијата на сончеви зраци која се одбива од нивните панели, ги прави посветли за краток период. Ваквите периодични зраци светлина ги попречуваат астрономските објекти и можат да предизвикаат лажни сигнали при набљудување со телескоп.

Компаниите како што се „Амазон“ и канадската „Телесат“, исто така планираат лансирање на нивни сопствени мрежи, што предизвика загриженост кај астрономите за видливоста на ноќното небо, отпадот во вселената како и ризикот од судирање на сателитите во орбитата.

Маск во повеќе наврати се обидуваше да ја увери јавноста дека „Спејс екс“ нема да придонесе за ваквите проблеми и оти презема чекори за да ги ублажи влијанијата предизвикани од нивните сателити, како и за да не ја наруши работата на астрономите. 

„Спејс екс“ исто така тестираше црни обвивки на нивните сателити, а компанијата соопшти дека ќе ги прилагоди орбитите на некои сателити доколку се јави таква потреба. Според Маси, разговорот помеѓу астрономските друштва и „Спејс екс“ досега се одвива добро. 

– Во сечиј интерес е да стапиме во разговор со секоја компанија што планира да лансира сателити. Ноќното небо припаѓа на сите и сите ние имаме право да го гледаме, тоа е заедничко човечко наследство – вели Маси.