Злоделата на Џек Мевосек уште го вознемируваат Лондон, овој пат преку мурал

80

Мурал на кој е претставено застрашувачко лице кое се пробива од ѕидот и злокобно гледа кон минувачите на улиците на Вајтчапел, а прстите му се натопени со крв, ги вознемири жителите на Ист енд во Лондон. Откако сфатија дека муралот, направен во март од уличниот уметник Забу, претставува модерна верзија на озлогласениот сериски убиец Џек Мевосек, тие беа згрозени, пренесува „Гардијан“. 

Луѓето го искористуваат митот за бруталниот сериски убиец кој масакрираше пет жени на улиците во Вајтчапел во 1888 година. Но, жителите беа згрозени од помислата дека некој ќе го воспева монструмот преку улична уметност. Потоа, на почетокот на септември, некој храбро реши да се качи и да го избели муралот, а потоа и да го напише името на една од неговите жртви – Кетрин Едоус, на белата површина. Испаднало дека станува збор за писателот Тим Елиот.

– Заедно со еден сосед се качивме и го обоивме муралот. Муралот, се чинеше, требало да има комичен мотив. Ја контактирав уметничката Забу за да ја прашам дали е свесна за општото мислење и став на луѓето во соседството, и како целата индустрија околу Џек Мевосек е експлоататорска. Но, таа не знаеше за ништо од тоа – вели Елиот.

Тој се надевал дека барот над кој бил насликан муралот со текот на времето ќе превземе нешто, но откако тоа не се случило, тој самиот ги зел работите во свои раце. Потоа, му дошла идејата да го напише името на Кетрин Едоус, една од жртвите, како порака за оддавање почит на оние кои настрадале од рацете на серискиот убиец. 

Војводата од Велингтон му го понудил ѕидот како празно платно на Забу, уметничка со потекло од Франција. Муралот е насликан на само неколку метри од берберницата по име „Џек Клипер“ (Џек Потшишувачот) и пабот во кој се служат традиционалната пржена риба и помфрит „Џек Чипер“ (имињата се однесуваат на Џек Мевосек – н.з.). Пред епидемијата, во соседството имаше туристички тури со големи групи кои беа предводени од водичи кои ги раскажуваа мрачните детали за убиствата, застанувајќи на местата каде биле пронајдени осакатените тела на жените. Има и музеј посветен на Џек Мевосек, кој беше отворен и покрај многуте локални протести.

– Целта ми беше да создадам парче што ќе игра со просторот и ќе изненадува, односно ќе комуницира со публиката. Го избрав Џек Мевосек затоа што тој е силно поврзан со областа, но исто така разгледав и други историски личности. Намерата никогаш не ми беше да шокира или да предизвика некој да се чувствува непријатно, ниту да го величи убиецот на кој било начин. Нормално е секој да има различна реакција на муралот. Верувам дека нема погрешни теми во уметноста и дека уметничките дела треба да бидат почеток на дискусија. Поголема опасност за уметниците станува самоцензурата и политичката коректност – вели Забу. 

Забу смета дека напишаното име на една од жртвите праќа силна порака. Сепак, таа жали за обелениот мурал и напорната работа што траела со денови.

– Уличната уметност понекогаш е краткотрајна и може да постои неколку дена, месеци, или години. Таа постојано се менува, а овој мурал ќе обезбеди простор за друг и јас ја сакам таквата идеја – вели Забу.

Историчарката Хали Рубенхолд, авторката на „Петте жртви“, наградувана книга посветена на животот на убиените жени од страна на Мевосек, вели дека е крајно време луѓето да престанат да профитираат на сметка на убиецот. 

– Ова е воспевање на убиец кој убивал жени и буквално ги распарчувал. А ние како општество, го држиме неговиот дух и спомен веќе 132 години. Многу луѓе не размислувале за ова – изјави Рубенхолд.

Таа смета дека нов мурал, на кој ќе бидат претставени петте жртви, а насликан од страна на самата Забу, е одлична идеја. 

Во меѓувреме, некој друг сега го обелил и името на Кетрин Едоуз, а на местото на муралот залепил табла за пиварницата „Камден Таун“.

– Се жалевме за уметноста, а наместо тоа добивме бесплатна реклама – завршува Елиот.