„Златна мечка“ за животно дело за Хелен Мирен

37

На 70-то издание на Берлинскиот филмски фестивал, кој ќе се одржува од 20 февруари до 1 март, на оскаровката Хелен Мирен ќе ѝ биде врачена „златна мечка“ за животно дело. Во нејзина чест, на 27 февруари во Палатата на Берлинале, во рамките на фестивалот, ќе биде прикажан филмот „Кралицата“ (2006), во кој улогата на кралицата Елизабета Втора ѝ го донесе „оскарот“ за најдобра актерка на Мирен во 2007 година. Харизмата, изразот и стилот на Хелен Мирен се претставени преку голема плејада жанрови, посочува Мариет Рисенбек, извршна директорка на Берлиналето.

– Мирен има силен карактер, чии моќни претставувања секогаш се импресивни. Таа постојано изненадува, без разлика дали е Крис во „Девојки од календарот“ или кралицата Елизабета Втора во „Кралицата“, нејзината игра е парадигма на моќна жена. Затоа, со огромно задоволство, ѝ ја доделуваме почесната „златна мечка“ – додаде таа.