Здружението „Антропија“ подготвува претстава за „Вевчанскиот карневал“

51

Крајниот продукт – претставата, очекуваме да се развие низ истражувања и соработка со оние што денес се дел од овие ритуали и ја одржуваат во живот колективната меморија на својот народ, велат авторите на проектот

Веле Митаноски

Здружението „Антропија“, кај нас, носител на независната, алтернативна театарска сцена, чии актери се познати по нивните претстави ,,Да го поздравиш и да ми го бациш“, ,,Експеримент“ и ,,Ужеганатост“, започна со реализација на нов проект, инспириран од живите ритуали и човекот и значењето на човекот, кој, секако, се наоѓа во центарот на овие ритуали.

Секако, станува збор за најпознатиот театар во живо на балканските и пошироки простори – Вевчанскиот василичарски карневал. Крајниот продукт – претставата, се очекува да се развие низ истражувања и соработка со оние што денес се дел од овие ритуали и ја одржуваат во живот колективната меморија на својот народ.

Тие самите ќе бидат актерите во претставата.
За таа цел, утре и задутре, во Вевчани, ќе се спроведуваат интервјуа со заинтересираните. Единствен услов е да носите некоја од традиционалните маски (да сте биле дел од карневалските случувања) и да имате повеќе од 18 години.
Интервјуата ќе ги спроведе режисерот на претставата, Марко Мартинс, а ќе биде присутен и продуцентот Ренцо Барсоти.

– Кога нè поканија како организација да бидеме дел од овој проект веднаш помисливме на богатството на Вевчанскиот карневал, а секако и на вевчанската култура (како значаен сегмент во негување на македонската митологија).
За таа цел одлучивме подготовките на проектот, а секако во иднина и дел од проектот, да се случува во Вевчани и со вевчанци – напоменува агилниот градоначалник на Вевчани Сашо Јанкоски.

,,Современиот свет станува отровен. Глобална мрежа. Се чувствувам сиот врмежен и изолиран, истовремено дисконектиран и премногу конектиран. Се чувствувам како да живеам во фабрика, и вистински и виртуелно – за храна, санитарна, морална и филозофска. Има толку да се прочита, а премногу од тоа е глупаво и лажно. Веќе не знам дали јас сум тој што консумира или јас сум тој што е консумиран. (…)Веќе е тешко да се движиме и за брзо ќе се бориме за воздух. Се губиме самите и ги губиме другите.
Се чини дека не добиваме ништо во замена на она што го губиме“. Ова е основната порака, додека носителка на проектот е Симона Спировска од Скопје.
Дипломирала и магистрирала на катедрата за Драмски актери, на Факултетот за Драмски уметности, во Скопје, во класата и под менторство на проф. Владимир Милчин. Од 2011 до 2013 година работи како демонстраторка на Факултетот за драмски уметности, по предметот Сценски движења и танци. Во моментов е вработена во Театарот за деца и младинци, Скопје и е дел од здружението „Антропија“.