Здравото живеење стана мода кај богатите

106

Во Калифорнија, пазарот е презаситен од здрави производи, а влогот е доведен до точка на апсурдност – кашест сок од кељ, авокадо, глуварче, краставица, ким, семки, халапено и круша

„Глорификувана ладна супа од зеленчук“ е една од поинтересните формулации што се однесува на најразличните кашести сокови за прочистување во текстот на Фиби Малц Боуви, за тоа како псевдонауката за природниот начин на живеење почнува да ја губи досега неоспорната поддршка во медиумите. Текстот во „Њујорк тајмс“ зборува за презаситениот пазар од „здрави“ производи во Калифорнија, каде што влогот е доведен до точка на апсурдност – кашест сок од кељ, авокадо, глуварче, краставица, ким, семки, халапено и круша!

– Во изминативе години, здравото живеење стана статусно обележје кон кое се стремат Американците. Луксузните продавници за здрава храна прераснуваат во џиновски синџири на супермаркети. Се прави дизајнерска облека за јога. Одбивањето да се вакцинира детето или да се јаде глутен стана начин да се покаже дека човек е од висока класа. Здравото живеење стана поврзано со повисоката класа, а со тоа и со гламурот – објаснува Боуви.
Таа ги споменува и таканаречените велнес-блогери, кои се сѐ повеќебројни, неверојатно популарни и засрамувачки прославени од медиумите, кои никогаш не можат да им одолеат на атрактивни млади жени што зборуваат за храна и се фотографирани додека грицкаат јагоди.

Како врвен доказ за ова, Боуви го наведува неодамнешниот есеј објавен во „Космополитен“, напишан од жена што се откажала од змиско масло и се вратила на западната медицина, која двапати досега ѝ го спасила животот.
– На што се должи вртењето кон разумот? Научните докази против шарлатанските теории, сепак, не се нешто ново. Се сомневам дека има две поврзани причини за падот на псевдонауката: раст во свесноста и пад во помодарството – објаснува Боуви.
Нејзината процена е дека прво ќе падне нутриционистичката псевдонаука, особено опасесивноста со чистотата на состојките и претворање на секој оброк во броење калории. Тука спаѓа и движењето против глутен, една од најнепотребните фиксации во последно време.

– Како што Америка ќе сфати дека повеќе не е неопходно да се жртвува шикот за да се прифати разумот, псевдонауката ќе почне да губи уште повеќе обожаватели. Сите ние ќе имаме корист од ова, освен, можеби, оние што заработуваат за живот од продажба на зелен густ сок – пишува Боуви.