Збогум за големиот композитор Енио Мориконе

186

Италијанскиот композитор и диригент, Енио Мориконе, почина на возраст од 91 година. Мориконе починал поради компликации по скршеницата на бутната коска од минатата недела откако паднал, пренесуваат светските медиуми. Во моментот на смртта со него била неговата сопруга Марија, а зад себе остави деца и внуци. Ќе биде погребан во кругот на семејството.

Тој е најпознат по музиката за филмови, а поради својот квалитет се стекна со прекарот Маестро. Во соработка со својот пријател од детството, режисерот Серџо Леоне, остави неизбришлива трага во шпагети-вестерните, поставувајќи нови граници кога компонираше музика за филмовите. Во повеќедецениската кариера, Мориконе направи музика за филмовите: „Синема парадизо“, „За грст долари“, „Беше еднаш во Америка“, „Малена“, „Недопирливи“ и многу други, а шест пати беше номиниран за „оскар“.

Почесен „оскар“ доби во 2007 година, за значаен придонес во кинематографијата, а „оскар“ како најстар добитник прими во 2016 година, за музиката во филмот „Омразените осум“ на Квентин Тарантино.
Енио Мориконе го отвори 49-то издание на „Охридско лето“ диригирајќи со филхармонијата на Античкиот театар во Охрид.