Збогување со омилениот македонски актер

1199

За своите реализирани улоги Петрушевски добил голем број вредни награди, меѓу кои е и највисоката, републичка „23 Октомври“ за животно дело, што му беше доделена 2016 година

Ванчо Петрушевски ненадејно, во саботата, си замина од овој свет, но остави многу зад себе. Неброени улоги во театар, на филм, на телевизија, во радиоемисии и на разни естрадни настапи. Беше неуморен, па ако не снимаше, работеше нешто во својата викендичка во Орешани, во близината на Скопје, каде што им подлегна на последиците од струен удар. А токму во Орешани, мало парче рај, што самиот го направи за себе, семејството, колегите и за сите добронамерници, Ванчо ги полнеше батериите, сликаше, најчесто акварели, правеше скулптури од дрво, готвеше и што уште не, бидејќи едноставно за сѐ го бидуваше.

Веста за неговото заминување се рашири броз и беше примена со неверување, да не е и ова некоја шега на Ванчо, кој постојано беше ведар, подготвен да се пошегува, често и на своја сметка. Беше срдечен и љубезен, интересен и шармантен, а големата популарност што ја имаше, ја сфаќаше како нормален дел од професијата и секогаш со насмевка прифаќаше да се фотографира со обожавателите, да скрши со нив збор-два. Беше омилен и меѓу колегите и стотици анегдоти што сѐ уште се раскажуваат во театарските кругови се поврзани со него. А на штиците што живот значат, и пред телевизиските и филмски камери, оствари брилијантни улоги.

Многумина мислат дека комедијата беше неговиот фах и најмногу го паметат по ликот на Рамче, ненадминат беше во претставите „Солунски патрдии“, „Женски оркестар“, и секако во „Македонските народни приказни“, кои му донесоа огромна популарност и во континуитет ги снимаше повеќе до 20 години. Уште од самиот почеток беше дел и од екипата на култната радиоемисија „Хихирику“. Но Ванчо беше извонреден и во толкувањето драмски ликови. Ќе го паметиме и по улогите во телевизиските серии: „Трст виа Скопје“, „Салон Хармони“, „Опстанок“, „Погрешно време“, но и по филмовите: „Тетовирање“, Ангели на отпад“, „Диво месо“, „Среќна нова ’49“, „Грев или шприцер“… Ванчо е и еден од првите македонски играчи во странски игран филм, а за својата извонредна глума тој добил голем број вредни награди, меѓу кои е и највисоката „23 Октомври“ за животно дело, што му беше доделена 2016 година, кога и се пензионира. Сепак, до скоро играше во разни претстави, а меѓу неговите последни улоги е онаа во претставата „Буре барут“ во режија на Сашо Миленковски.

Петрушевски е роден на 19 април 1951 година во Скопје. Завршил Висока музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје, а во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Првата улога ја играл во „Ослободување на Скопје“ од Душан Јовановиќ. Остварувајќи улога скоро без текст, тој покажува дека е актер со голема моќ, кој кон улогите приоѓа студиозно и ги реализира стилски изнијансирано. Комеморацијата за Петрушевски ќе се одржи денеска, во 10 часот во Драмскиот театар, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени од 12 до 13 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел. 


Колегите рекоа за Ванчо:

Рубенс Муратовски: Кога ќе си отиде глумец од моето детство, како да си оди и дел од мене. Дел од она кон кое сум се стремел. На кое сум завидувал и бескрајно сум го почитувал. Ванчо, беше баш таков. Но кога ќе си отиде глумец, знаеш дека неговите одиграни улоги ќе останат за навек….

Васил Зафирчев: Голем актер, редок човек и посветен колега и пријател. Благодарност за сите негови улоги со кои пораснавме, но и за сите претстави што заедно ги споделивме на сцената. Ќе недостигаат неговата искрена насмевка, ведар дух, неверојатен хумор и вечен оптимизам!

Ердоган Максут: Почивај во мир, бате Ване! Големите актери како тебе секогаш ќе останат во нашите сеќавања нашите срца, а таму горе повторно ќе се дружиш со величините на нашето глумиште и твоите другари. Јелена Жугиќ: Нека ти е лесна земјата и вечно името драг колега Ванчо, со голема радост ќе се сеќавам на секоја наша претстава и дружба. Почивај во мир голем човеку.

Роберт Вељаноски: Замина една од најголемите легенди на Драмски! Пријател, колега, брат! Македонец! Почивај во мир и Бог да те прости! Се гледаме, онаму! Драган Спасов-Дац: Големите глумци не умираат. Весна Бејби Петрушевска: Ванчо ти беше опасен шмекер и опасно голем глумец. Тажен ден за Македонија. Бескраен аплауз.