За „Морчиба“ неколкуилјадна, за Рундек помала но верна публика

156
Фото: Стефан Рајл

Теренот на стадионот на АРМ во Градскиот парк беше преполн со публика, дојдена да ужива во песните на „Морчиба“, бенд што по настапот 2016 година на „Таксират“ доаѓа вторпат во Скопје, а тоа музичарите и го спомнаа на почетокот на свирката, велејќи дека им е драго што повторно се во нашиот град

Втората фестивалска вечер на „Скопје колинг“ почна со мини-концертот на скопската група „Фанк шуи“. Момците, кои важат за голем потенцијал на домашната музичка сцена, своето искуство на живи свирки го збогатија со настап пред неколкуилјадна публика, пред која се претставија со цврст и компактен звук, ветувајќи нешто многу поамбициозно наскоро. Групата „Нувел Ваг“, за жал, не настапи бидејќи половина од членовите на бендот не успеаја да допатуваат во Скопје.
Поради тоа организаторите на летниот музички фестивал, продукцијата „Авалон“, преку социјалните мрежи известија дека влезот за вториот фестивалски ден, во петокот, ќе биде бесплатен. Теренот на стадионот на АРМ во Градскиот парк беше преполн со публика, дојдена да ужива во песните на „Морчиба“, бенд што по настапот 2016 година на „Таксират“ доаѓа вторпат во Скопје, а тоа музичарите и го спомнаа на почетокот на свирката, велејќи дека им е драго што повторно се во нашиот град.
На сцената, каква што доликува за еден ваков голем музички настан, групата „Морчиба“, предводена од пејачката Скај Едвардс и од гитаристот Рос Едвардс, во рамките на петочниот настап на „Скопје колинг“ ги изведоа своите многубројни класици, но и песни од новиот албум „Blaze Away“, што се појави на светскиот дискографски пазар на 1 јуни.
Од основањето досега, британска група „Морчиба“ издала девет албуми и продала над 10 милиони плочи, а во изведбата на дел од нивните најголеми хитови, како: „Oherwise“, „Enjoy the Ride“, „Blindfold“, „Blood Like Lemonade“, „Over And Over“, „Rome Wasn’t Build In a Day“ уживаа посетителите на нивниот скопски концерт. Според реакциите и на членовите на „Морчиба“ и на публиката, веруваме дека ќе имаме уште средби со легендарниот британски трипхоп-бенд.
– Веќе дваесет години сме дел од бендот и не ни претпоставуваме дека ќе ни треба олку многу време да го обиколиме светот со нашите концерти. Сѐ уште наоѓаме обожаватели во места каде што не сме свиреле порано, бидејќи некои обожаватели чекаат долго за да нѐ видат, а други допрва ќе ја откријат нашата музика – велат Скај и Рос.

Во саботата пред скопјани настапи извонредниот Дарко Рундек со својот оркестар, а предгрупа беше скопскиот бенд „Саундеџ“. Ова беше уште еден во низата одлични настапи во Скопје на еден од најреномираните музички автори во регионот. Неговата верна, иако не многу многубројна публика, во саботата уживаше во врвната атмосфера што ја приреди за своите обожаватели неприкосновениот Рундек, дополнувајќи го својот настап со препознатливите музичко-сценски перформанси со посебна костимографија и режија. На сцената се случуваше уникатен аудиовизуелен настан со музика и со поетика, која стана дел од животот на повеќе генерации во регионот. Славниот загрепски музичар Дарко Рундек својата кариера ја почна како член на музичкиот состав, кој го предводеше југословенскиот нов бран „Хаустор“, кој сѐ уште важи за еден од највлијателните бендови во регионот. По распадот на групата, Рундек го објави својот дебитантски соло-албум „Апокалипсо“ во 1997 година, кој иронично и поетично говори за постсоцијалистичката ера. Ова издание беше оценето како хрватски музички настан на годината, освојувајќи дури пет награди „порин“. Следните соло-изданија на Рундек дополнително го зацврстија неговиот статус на еден од најзначајните артисти на Балканот, вклучувајќи го и неодамнешното од 2015 година, кога со неговото „Карго трио“ објави уште едно издание крунисано со наградите „порин“, албумот „Мостови“ прогласен, според критиката, за најдоброто хрватско издание на декадата.
Главните ѕвезди на фестивалот „Скопје колинг“, пак, групата „Тексас“ како што е познато не можеа да дојдат поради влошената здравствена состојба на пејачката Шарлин Спитери. Концертот на групата е презакажан за 28 септември.
За синоќа беше најавен последниот фестивалски ден, резервиран за настапот на Алан Волкер.