За Лоренс Оливие глумата била и агонија и екстаза

247

Триесет години од смртта на филмската легенда

Глумата е агонија, но и екстаза. Јас не уживам во актерството, но не можам без него – така говорел за својата уметност сер Лоренс Оливие (1907-1989), најголемиот театарски глумец на 20 век. Ненадминатиот толкувач на Шекспировите ликови (Хамлет, Отело, Кралот Лир, Ричард Трети, Хенри Пети) почина на 11 јули пред три децении.
Оливие судбински се поврзал за книжевните дела на генијалниот писател. Сѐ почнало кога само на девет години го изиграл Брут во „Јулиј Цезар“, на сцената на школата „Сент Едвардс“ во Оксфорд.

Јавноста го сметала за театарски лорд, а станал првиот глумец со вистинска благородничка титула. Меѓу големиот број награди, освоил три „оскари“. Сепак, најдрагото признание му го подарил колегата Џон Гилгуд. Уште во 1944 година тој мечот од „Ричард Трети“, кој го наследил од Едмунд Кино, го испратил во гардеробата на Оливие. Подоцна, одговарајќи на новинарското прашање кому планира да му го остави мечот, Лоренс Оливие одговорил: „Никому, мечот е мој“! Ова „свето оружје“ го задржал за себе, но по неговата смрт тоа се нашло во рацете на големиот британски актер и режисер Кенет Брана.

Оливие бил оженет со глумицата Вивијан Ли, а починал на 82 години, до крајот на животот храбро борејќи се со разни здравствени тегоби: рак, тромбоза, миопатија, мускулна дистрофија, плевритис… Поради тоа десетина години пред смртта целосно го напуштил театарот.