За да успееш, треба да ја сакаш публиката и да си чесен кон неа

114

Навистина сум среќен и задоволен што доаѓам на ваков брендиран фестивал. Овој пат пред македонската публика ќе се претставам во поинакво светло, со поп-песната „Таму далеку“, вели Ален

Поранешниот вокален солист на „Бијело дугме“, Ален Исламовиќ, беше меѓу првите музички ѕвезди што го потврдија своето учество на 25-от јубилеен интернационален музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“. За настапот на овој пејач со необичен вокал, во кој провејуваат специфичната балканска топлина и колоритот на балкански чувства, владее голем интерес. Неговото појавување, своевремено, кон крајот на 1970-тите во групата „Дивље јагоде“ беше вистински бум, а како пејач на „Бијело дугме“(1986-1989) беше дел од последната сезона на популарната сараевска група.

Накратко, Ален е роден во Бихаќ, Босна и Херцеговина, потоа се сели во Сараево, оженет е за Маријана, татко на успешните Уна и Лара, дедо на Дин… Некогаш младиот и надежен рокер, со гордост го изнесува фактот дека не западнал во канџите на пороците. И покрај сите естрадни бури и големата популарност, останал нормален одржувајќи го бракот до денес. „Мотори“, „Чирибири бела“, „Хајдемо у планине“, „Ѓурѓевдан“ се некои од песните што ја обележаа неговата кариера.

Оваа година на меѓународниот музички фестивал „Охрид фест“ ќе пеете на интернационалната вечер. Како дојде до вашиот настап во Охрид?

– Познанството со директорот на фестивалот Григор Копров и неговата покана беа решавачки да дојдам. Ќе се претставам со песната „Таму далеку“ од мојот солистички албум „Алкатраз“. Автор на музиката и текстот сум јас. Желба ми е на македонската публика да ѝ се претставам во поинакво светло, да испеам нешто и во поп-стил.

За вашето членување во групите „Дивље јагоде“, „Бијело дугме“, „Четири аса“ и за соло-кариерата речиси сѐ е познато. Што ве одржа сите овие години на врвот?

– За да се занимаваш со оваа професија, треба да бидеш полн со љубов, да имаш енергија и да го сакаш тоа што го работиш. Но пред сѐ треба да ја сакаш публиката, да бидеш чесен кон неа. Всушност, јас сум среќен што се занимавам со оваа работа. Во последно време имам доста солистички концерти во регионов, од Македонија до Словенија, и денес се сметам за интернационален музичар, каков што е и „Охрид фест“. Навистина сум среќен и задоволен што доаѓам на ваков брендиран фестивал.

До видување во Охрид и се надевам дека на фестивалот ќе има добра забава.