За Божиќ чекор подалеку од реалноста

1266
Лазарополе

За сите што се расположени за поинакви празници

Десет магични места во Македонија

Многумина сакаат божиќните празници да ги поминат во пријатна и топла атмосфера, чекор подалеку од реалноста, од секојдневието. Бараат божиќна алтернатива збогатена со мирен, семеен, романтичен, снежен амбиент. Еве некои чудесни дестинации низ нашава земја каде што се слуша тишината. За сите што се расположени за поинаков Божиќ. Скромен и интимен.

Почувствувајте ја белината на Горна Белица
Селото Горна Белица се наоѓа на 1.450 метри надморска височина, под највисоките врвови на Јабланица, Чума и Црн Камен, под изворите на Беличка Река. Од Струга е оддалечена 16 километри. Поврзана е со асфалтен пат што врви низ живописни предели од дабова и букова шума. Нема постојани жители туку е викенд-населба. Зиме има чести, понекогаш дури и обилни врнежи од снег. Навејува бајковита атмосфера. Снегот како магнет се лепи на селото. И се задржува долго, што му дава свежина на крајов. Знае дури да го затрупа патот и да го стави на пауза подолго време, дури надлежните не го исчистат. Има викендички, тука се наоѓа и планинската куќа „Горна Белица“ со 10 опремени апартмани и капацитет за 30 лица.

Пониква – локација за медитација
На 1.580 метри надморска височина на Осоговските Планини на атрактивна парцела е сместен туристичкиот локалитет Пониква. Урбанизиран терен, викенд-населба во изградба, ски-терени го освежуваат ликот на Осоговијата. Пониква се наоѓа на 20 километри северно од Кочани покриена со густа букова шума и разновидна тревна вегетација. Поради поволната клима, Пониква претставува извонредна зимска дестинација. Снегот се задржува и до пет месеци во годината. Идеално место за медитација и консумирање на чистиот планински воздух. Пониква располага со неколку сместувачки и угостителски капацитети за околу 300 туристи.

Пониква

Одмор со мирис на молика на Нижо Поле
На падините на планината Баба, на границата со Националниот парк Пелистер, на само 10 километри од градот Битола се наоѓаат селото и викенд-населбата Нижо Поле. Многубројните излетнички места, планинарски патеки и скијачки терени со кои изобилува околината привлекуваат илјадници посетители. Видикот се полни со зимски цртежи на природата. Пелистер, моликата, билата покриени со бел прав, сртот на Баба, елките, ски-терените. Просторот е натопен со совршен мир и тишина. Топол чај во скијачкиот центар „Нижо Поле“ засладен со зимското сонце може да ве растопи до немај-каде.

Нижо Поле
Фото: Дарко Андоновски

Проветрување во Михајлово
Михајлово е месност над Кавадарци, сместена во буковата и боровата шума на Кожуф, опкружена со венец од дрвја што овозможува пријатни дестинации за прошетки во недопрената природа со тесни патеки, висока шума. Михајлово спаѓа во категоријата наставно-научни шуми, сместена е на 1.200 метри надморска височина. Прецизно обележан пат води до наставно-научната шума, а во нејзината срцевина е изградено одморалиштето „Михајлово“. Тишина, мирис на чистина и свежина се карактеристични за овој предел.

Михајлово

Спокојство во Лазарополе
Божја убавина е посеана на падините на Бистра. Мијачкото село Лазорополе е сместено во висините на планината Бистра, на работ од една висорамнина, на надморска височина од 1.350 метри. Тоа е една од највисоките населби во Македонија. Лазорополе е село од приказна. Тука царува енергија што напојува со позитивно наелектризирани честици. Која ослободува, чисти и смирува. Пејзажите се амброзиски. Архитектонската организација на куќите со немиот саундтрак му даваат мека душа на селото. Хотелот „Калин камен“ е единствениот сместувачки капацитет.

Богатата трпеза во Крушево
Свиено како гнездо во Бушева Планина, Крушево претставува највисока градска населба во земјава и е една од највисоките на Балканот. Изградено е на 1.350 метри надморска височина. Крушево нуди прекрасни услови за скијање. Рустичните фасади на старите куќи и специфичната староградска архитектура посипани со снег ја комплетираат епската панорама на Крушево. Многу вили се отворени за гости за празниците. Компактно место, кое нуди гоштевање со традиционална крушевска кујна, со меден локум, со прозрачен воздух, прошетки низ архаичната архитектура и низ историјата, параглајдинг-авантури, велосипедски и планинарски тури, како и видик на две третини од Македонија.

Топлење на Плачковица
На 25 километри од Радовиш, во месноста Џумаја, е сместен планинарскиот дом „Џумаја“. Место од каде што може со полни гради да се ужива во свежиот здив на Плачковица. Засолнет во шумски амбиент, во опкружување на тишината, без соседи е вистинско место за уживање. Аромата на снег измешан со букова и борова шума духовно храни и опојува. Планината е питома и се приспособува за секој посетител. Пределот е збогатен со патеки до врвот Бел Камен, Лисец или за кратки прошетки по снегот. Домот работи 365 дена во годината, а деновиве печката постојано се ложи со дрва.

Празнично бистрење во Абланица
Абланица е туристичка населба распространета на двете страни на реката Брегалница. Се наоѓа на два километри од Берово. Абланица е поврзана и со туристичката населба Равна Река во Пехчево со пешачка патека, која е долга 4 километри, а преку неа минува и пашечката патека Берово – Абланица – Беровско Езеро. Патеки пријатни за прошетки. Населбата е магична во зима. Погледот кон Беровско Езеро, богатство од букови, борови, дабови шуми, изолираноста го прават беровскиот крај топ-дестинација за празниците. Целата околина има значително пониска температура за разлика од подрачјата на иста надморска височина. Тука се чести навевите од снег, а остриот воздух е идеален за празнично бистрење.

Поблиску до ѕвездите во Папрадиште
Првото име на Папрадиште било Ѕвезданово, затоа навистина се чини дека е блиску до ѕвездите. Папрадиште е сместено во густите шуми на планината Даутица, под врвот Солунска Глава. Лежи на надморска височина од 950 до 1.000 метри. Целиот пат што води кон Папрадиште е изграден на јужната падина, така што снегот овде воопшто и не се задржува. Планинарскиот дом „Папрадиште“, кој ги згрижува сите намерници овозможува грандиозен поглед. Куќите се поставени амфитеатрално и се свртени кон сонцето. Како во ниедно друго село во земјава, сите куќи се покриени со ламарина и личат на роботи.

Папрадиште

Изолација во Гари
Гари е сместено длабоко во пазувите на планината Стогово, на надморска височина од околу 1.100 метри. Тоа е идеално место за целосна изолација. Зрачи со бистрина, сплотеност и со хармонија. Во овој период тука се слушаат само музиката на ветрот, бучавата на Гарска Река напоена од снеговите и црцорот на врапчињата. Во очи паѓаат куќите на селото, збиено наредени една до друга, дури и една врз друга, се надоврзуваат како една целина. „Маргуле“ е единствената меана во селото, која има и сместувачки капацитети. Зиме печката се ложи во три куќи и во меаната.

Гари