„Зајакот Џоџо“ – критика на слепиот нацизам преку очите на 10-годишно дете

152

Иако „оскарите“ се веќе зад нас, љубителите на добриот филм сѐ уште ги коментираат, а најверојатно и ќе продолжат да ги дискутираат филмовите што се најдоа помеѓу номинираните оваа година. Деведесет и второто издание на „Оскарите“, остави силен впечаток кај филмската публика, не само со победата на јужнокорејскиот „Паразит“ на Бонг Џун Хо, како исклучително позитивно изненадување и освежувачка промена, туку и во одличните наслови што се најдоа на листата на номинирани за „најдобар филм“. Во сериозната конкуренција се најде и „Зајакот Џоџо“, базиран на книгата „Заробени неба“ на Кристин Луненс, кој најверојатно ќе остане долго запаметен како еден од најдобрите филмови во 2019 година.

Едноставно опишан како „филм за дете што живее во период на нацистичка Германија и чиј имагинарен другар е Хитлер“, е неуспешен обид да се долови она што „Зајакот Џоџо“ всушност е. Оваа сатира е многу послоевита од тоа, а Таика Ваитити, кој ни е познат како режисер на филмот „Тор: Рагнарок“, заврши феноменална работа во улогата на режисер на „Зајакот Џоџо“, како и во улогата на „смотаната“ верзија на Хитлер.

Ова е филм што ја следи приказната на малиот Џоџо (Роман Грифин Дејвис), кој живее со својата мајка Роузи (Скарлет Јохансон) и кој, како речиси и сите други Германци, особено младите генерации во тој период, го велича ликот на лидерот Адолф Хитлер. Џоџо е дете без многу пријатели, најчесто исмевано за неговата „слабост“ и чувствителност. Тој го добива својот прекар Зајак откако одбива да убие зајак како знак на сила и подготвеност – дел од тренинзите во воениот камп предводен од Капетан Клензендорф (Сем Роквел). Но Џоџо успева да развие специфичен одбранбен механизам. Неговата самотија и чувство на неприпаѓање, тој ги победува заедно со својот имагинарен пријател – Хитлер лично.

Имагинарниот Хитлер е претставен онака како што дете би го замислувало. Наивно, детинесто и значително побезопасно, иако сепак, следејќи ја идеологијата на оној вистинскиот. Џоџо сака да биде прифатен, сака да претставува пример и сака да биде силен и храбар, па упорно работи на тоа да стане „примерен Ариевец, кој ќе го воодушеви Хитлер“, нешто што претставува причина за потсмев дури и кај неговата мајка. Џоџо и неговиот Хитлер се честопати во конфликт со Роузи, чиј став е дека војната е бесмислена и треба да заврши што поскоро. А најголемиот конфликт настапува во моментот кога Џоџо открива дека неговата мајка ја крие младата Еврејка Елза во ѕидовите на својата куќа.
Уште од моментот кога филмот беше најавен, тој беше претставен како контроверзен и набргу се поставија голем број морални прашања. Дали е во ред да се претстави ликот на Хитлер на начинот на кој е претставен во „Џоџо“? Има ли шанса овој филм да ја „разводни“ сериозноста на неговите злодела? Зошто сѐ уште се снимаат филмови што нѐ враќаат во тој период? Но земајќи предвид дека Таика Ваитити е син на татко Маори и на мајка Русинка Еврејка, би требало да претпоставиме дека знаел на што се нафаќа.
Овој филм претставува апсолутна критика на Втората светска војна и критика на слепото следење на нацизмот, додека паралелно ја следиме внатрешната борба на младо дете, чија кревка психа и кревки чувства имаат потенцијал да бидат манипулирани во погрешка насока, но исто така и „испрани“ со чистотијата на искрената љубов.

„Зајакот Џоџо“ се карактеризира со феноменален развој на дејства и ликови, како и одличен премин од интелигентна комедија во трагедија и обратно. Овој филм е пример за тоа како може да се рециклира вистинска историска тема, тема за која се снимиле безброј филмови, и да се претстави на различен и свеж начин.

Ова е филм со одличен дијалог и монолог, прекрасен колорит и уште пофеноменален кастинг. „Зајакот Џоџо“ има сѐ што му е потребно на еден филм да остане тема на дискусии долго време по неговата премиера. Номиниран во шест категории за „оскар“, овој филм понесе со себе „оскар“ за „најдобро адаптирано сценарио“.
Доколку по некоја случајност сѐ уште го немате погледнато „Зајакот Џоџо“, ова е добро време да го направите тоа.