Заштитните маски на „Фенди“, „Гучи“ и на „Версаче“ најбарани

284

Креаторите на висока мода на пазарот исфрлија заштитни маски со лого на нивните модни куќи, а меѓу нив се: „Фенди“, „Гучи“ и „Версаче“. Маската на „Фенди“ е свилена во кафено-црна боја и се продава по цена од 260 долари. Една од најлуксузните продавници во Њујорк „Сакс фифт авенју“ оваа маска, која е дел од колекцијата на „Фенди“ за пролет/лето 2020 г., ја продава за 220 долари, а може да се нарача и онлајн. И покрај високата цена, маската на „Фенди“ на некои италијански сајтови веќе е распродадена, а некои медиуми тоа го објаснуваат како последица од паниката поради ширењето на коронавирусот, од кој во Италија веќе починаа седум лица.

Маската на „Гучи“ на доделувањето на наградите „греми“ ја носеше младата музичка ѕвезда Били Ајлиш, која, инаку, влезе во историјата со тоа што доби четири награди за песните од својот прв албум.

Маската на „Версаче“ од модната линија „верус“ е нешто поевтина и чини 140 долари.
Инаку, дизајнираните маски влегоа во мода во 2018 година и луѓето ги носеа како заштита од смогот и чадот во големите градови. Истата година „Гучи“ ги вклучи заштитните маски во својата колекција есен/зима.