Заштитна маска со дијаманти со почетна цена од 1,5 милион долари

53

Израелската компанија за накит соопшти дека работи на најскапата маска за заштита од коронавирусот во светот, златна маска покриена со дијаманти, со почетна цена од дури 1,5 милион долари.
– Осумнаесеткаратната маска со бело злато ќе биде украсена со 3.600 бели и црни дијаманти и со ефикасни Н99-филтри по барање од клиентот – изјави креаторот на маската Исак Леви.
Леви, кој е сопственик на компанијата „Ивен“, вели дека купувачот имал две барања, маската да се заврши до крајот на годината и да биде најскапа во светот.
Тој одбил да го идентификува купувачот, но рекол дека станува збор за кинески бизнисмен што живее во САД, пренесе „Асошиејтед прес“. Гламурозната маска може да донесе одредена екстраваганција на заштитната опрема што сега е задолжителна за носење на јавни места во многу земји. Со своите 270 грама таа е скоро 100 пати потешка од типичната заштитна маска – и веројатно нема да биде практична за носење.
За време на интервјуто во неговата фабрика во близината на Ерусалим, Леви покажал неколку парчиња од маската покриени со дијаманти.
– Парите не купуваат сè, но тој може да си купи многу скапа маска против ковид-19 и секој што ќе ја купи може да оди со неа за да привлече внимание – вели Леви.
Таквата екстравагантна маска може да испрати и погрешна порака во време кога милиони луѓе низ светот ги загубија своите работни места и минуваат низ економски тешкотии.
– Среќен сум што оваа маска обезбеди доволно работа за нашите работници и што ќе им овозможи да ги заштитат своите работни места во овие многу тешки времиња со кои се соочуваме сега – рече тој.