Занимливости

90

Аини – најстарите жители во Јапонија

Аините се домороден јапонски народ, кој потекнува од луѓето Џомон, кои живееле во северниот дел на Јапонија во периодот помеѓу 14.000 до 300 години пред нашата ера. Според една легенда, тие живееле во Јапонија илјадници години пред да дојдат децата на сонцето. Чистокрвните Аини во споредба со луѓето Јамато (основната етничка група во Јапонија) имаат посветла боја на кожата и густа кадрава коса. Нивните очи најчесто се хоризонтални, а монголскиот тип на очи многу ретко се сретнува кај нив. Културата на Аините се разликува од јапонската култура. Мажите на одредена возраст престануваат да се бричат и пуштаат долга брада и мустаќи. Нивната традиционална кујна се состои од месо од мечка, лисица, волк, јазовец, риби, птици и др. Според официјалните статистички податоци, денес во Јапонија живеат 25.000 Аини, меѓутоа според неофицијалните процени нивниот број изнесува околу 200.000 луѓе. Во 2019 година, јапонската влада ги призна Аините како домороден народ со посебен јазик, религија и култура.


Никтитативна мембрана – трето око

Никтитативна мембрана е прозрачен трет очен капак кај некои животни. Споменатиот очен капак се провлекува преку окото за заштита и влажење, притоа не го попречува видот. Никтитативна мембрана се движи хоризонтално преку окото и најчесто е прозрачна. Птиците, влечугите и ајкулите имаат целосна никтитативна мембрана, а кај најголемиот дел цицачи таа е мала и се наоѓа во аголот на окото, но некои цицачи, како што е поларната мечка, имаат целосна никтитативна мембрана. Кај луѓето се смета за еволутивен остаток, а Чарлс Дарвин забележал дека кај абориџинското и африканското население е поголема во споредба со другите луѓе.


Мувоморка – отровна и психоактивна печурка

Мувоморката (Amanita muscaria) расте во мешани шуми во Европа, Азија и во Африка. Нејзиниот клобук е со димензија од 20 см и има интензивна црвена боја (понекогаш се сретнуваат примероци што имаат портокалов клобук). Дршката најчесто е висока околу 25 см, а тенка околу 3 см, со изразен бел прстен. Иако е отровна, во некои делови на Северна Европа и Русија се консумира, но под услов да се отстрани црвената кора. Оваа печурка содржи неколку отровни материи што имаат различни ефекти врз човековото тело. Мувоморката предизвикува психоактивни ефекти, кои се опишуваат како депресивни, хипнотички, психоделични и др. Може да предизвика и појава на перцептивни феномени, како што е синстезијата. Исто така се забележани и примери на луцидно сонување како резултат на хипнотичките ефекти.


Себастијан Вранкс – фламански талентиран сликар

Себастијан Вранкс бил талентиран фламански сликар, кој творел кон крајот на 16 и почетокот на 17 век. Вранкс е еден од претставниците на барокот во сликарството и најчесто е препознатлив по борбените сцени што ги воведува во холандското сликарство. Исто така создал пејзажи со алегориски и митолошки сцени, сцени со разбојници, селски сцени и прослави на градовите.